Општина Дебрца е меѓу општините со најголем напредок во даночната транспарентност, според најновиот извештај на Центарот за економски анализи за 2026 година.
Според објавените податоци, Дебрца бележи напредок од 25 проценти во однос на даночната транспарентност и со резултат од 75 проценти се најде меѓу 15-те општини со највисока даночна отвореност во земјава.
Висока оценка има и за буџетската транспарентност. Општината освоила 15 од максималните 16 поени, со што се најде меѓу 29-те најтранспарентни општини според отвореноста на буџетските податоци.
Во објавата, градоначалникот на Дебрца, Крум Арнаудов, оценува дека резултатите се потврда за, како што наведува, отвореното и одговорно работење на локалната самоуправа.
Извештајот позитивно ја оценува и општинската веб-страница и достапните електронски услуги за граѓаните.
Од локалната самоуправа најавуваат дека ќе продолжат со унапредување на дигиталните алатки и достапноста на информациите, со цел граѓаните да имаат полесен пристап до податоците за работата и финансиите на општината.
