Според анализите на ИЈЗ во земјава доминира грипот од типот А и Б, но најмногу од А/Н3.
Оваа сезона имале грип 1.148 лица, што е за 3,6 пати повеќе од ланската. Директорот на ИЈЗ д-р Шабан Мемети, препорачува заради сличните симптоми меѓу грипот и ковид-19 , лицата истовремено да се тестираат и за двата вируси. Тој преку весникот ВЕЧЕР им порачува на граѓани да бидат внимаваат, особено повозрасните, лицата со коморбидитети и здравствените работници.
Во Новата 2022 година влегуваме со повеќе од 1.100 регистрирани случаи на сезонски грип и околу 5.000 активни случаи на ковид-19. Амбулантите се полнат со пациенти од сите возрасни групи. Лекарите оваа зима ќе имаат големи проблеми околу дијагностиката за да утврдат дали се работи за вирусот на сезонски грип, делта сојот или омикрон, или пак се работи за обична настинка, вирусна или бактериска инфекција.
Институтот за јавно здравје оваа сезона регистрира 1.148 лица кои се заразиле со инфлуенца, што е за 3,6 пати повеќе од ланската и дури за 16 проценти зголемени во споредба со десетгодишниот период. Во последната недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 444 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 2 случаи се од паралелно тестирани за грип и ковид-19.
-Притоа, детектирани се 48 лица, односно 10,8% позитивни случаи од рутинскиот надзор, од нив 46 се со вирусот А/Н3 и два со А вирусот – велат од Институтот.
Во однос на возрасната дистрибуција, најмногу 250 лица од грипосаните се на возраст од 15-64 години, 70 деца на возраст од 5-14 години се заразиле со сезонски грип и 24 деца на возраст од 0-4 години. Заболени од грип се и 17 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца од 30,5 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5 до 14 години.
Најголемиот број од лицата кои имаат грип во последната недела се во Дебар – 116, во Гостивар – 96, во Тетово – 75, во Куманово – 37, во Охрид – 27 и во три други градови бројот на регистрирани е помал од 10. Во поголем број од градовите, засега нема ниту еден случај на грип.
Лекарите од ИЈЗ сметаат дека најдобра заштита од сезонски грип е имунизацијата. Годинава со вакцина против овој вирус се заштитени 49.010 граѓани.
-Повеќе од 44 илјади од нив примиле од бесплатните вакцини што ги набави МЗ за ризичните групи. Останатите платиле 800 денари за вакцина и 32 проценти имаат историја на хронични заболувања- потврдуваат од ресорното министерство.
