Горна Белица развива рурален туризам. Струшкото село издигнато високо на падините на Јабланица помеѓу боровата шума, денес нема постојани жители, тоа е современа викенд населба, со голем број апартмани, вили и планинарски дом. Со инвестиција од дијаспората комплетно е обновено поранешното одморалиште во сопственост на црквата, денес првиот модерен хотел во селото.
Хотелот „Белица“ има капацитет од 22 соби со 70 легла. Собите се пространи, со два, три, и четири легла, прикладни за семејства со деца, на кои, им стои на располагање забавен парк, ограден и безбеден. Сите соби се модерно опремени со соствена бања со туш, тоалетни производи, фен за коса, LED телевизор, радио, будилник, гардеробер, бесплатен интернет, бар, сеф… Во зелената природа во дворот на хотелот се градат спортски игралишта и базен.
Селото привлекува туристи со прекрасните видиковци кон Охридското Езеро, кои одземаат здив, мирот, тишината, чистиот воздух и посвежите летни температури.
Инвеститорот на хотелот е Мирче Чуркоски, стружанец кој живее и работи во Мајами. Неговата желба е да заживее село Белица, но и тој со семејството, своите три деца по неколку месеци од годината да минува во родниот крај.
-Како дете доаѓавме овде на припреми со Караорман Струга. Неограничени се можностите. Првичната идеја и желба беше да го вратиме детскиот џагор во рурална Македонија Горна Белица како што растевме ние. Сакам моите три деца да го почуствуваат тој живот од моето детство, вели Мирче Чуркоски хотелиер.
За привлекување на туристи во зимскиот период ќе се гради ски лифт, жичара и ски стази. Набавена е опрема за чистење и одржување на патот во зимски услови.
-Планинарење, параглајдинг, возење велосипеди и сите тие можности. Набрзо се надеваме спортски игралишта, ски лифт, жичара. Луѓето се повеќе и повеќе бараат мир, спокој и прошетки низ природа, планинарење, додава Чуркоски.
Во селото има локален музеј за влашката популација која живеела во тие простори, четири цркви, една џамија и два археолошки локалитети, се смета дека било попатна станица на Виа Игнација.
Новинар Соња Рилковска











