Посвоени лица од Македонија бараат промени во Законот за семејството и пристап до документацијата за нивното раѓање и посвојување. Велат дека членот 123-а го ограничува нивното право да дознаат кои се нивните биолошки родители и да го откријат сопственото потекло.
Иницијативата „И ти имаш право да ги знаеш биолошките родители“ посочува дека станува збор за проблем со кој се соочуваат голем број посвоени лица, не само во Македонија, туку и во други земји од поранешна Југославија. Според нив, околу 90 илјади посвоени лица од регионот трагаат по своето биолошко потекло.
„Ова е горлив проблем, болна тема за посвоените кои трагаат по вистинските биолошки родители. За жал, живееме во лага. Член 123-а донесен пред 23 години го кочи нашето право да знаеме кои се нашите биолошки родители. Секој кој е посвоен нема право на увид во документацијата на нашите биолошки родители. Бараме членот 123-а да не постои“, вели Илија Јовановиќ од „Градиме иднина“.
Иницијативата отвора и прашање за случаи на новороденчиња за кои семејствата тврдат дека биле евидентирани како починати, а потоа исчезнале од нивните животи без одговори и документација.
Радиша Павловиќ од Србија, член на Државната комисија за собирање факти за статусот на новороденчињата, вели дека решавањето на ваквите случаи треба да овозможи пристап до вистината и за родителите и за децата.
„Решен случај во Србија ги отвора вратите за сите на просторот на поранешна Југославија. Мора да овозможиме и родителите и децата да дојдат до својата вистина, бидејќи живеевме заедно и бевме една држава“, вели Павловиќ.
На ист проблем укажуваат и од Словенија. Симона Шермендклан, претседателка на здружение од Словенија, посочува дека и покрај членството на земјата во Европската Унија, посвоените лица сè уште се соочуваат со ограничувања во пристапот до информациите за своето биолошко потекло.
„Во Словенија, која е во Европската Унија, децата немаат право да дознаат кои се нивните биолошки родители. Ние се бориме против тоа. Утврдивме дека многу деца од Македонија биле нелегално посвоени во Словенија. Тие деца трагаат по своите мајки“, вели Шермендклан.
Од иницијативата информираат дека на средбата со Министерството за труд и социјална политика добиле уверување дека ќе биде формирана комисија која ќе ги разгледува нивните предлози за законски измени.
Тие бараат институциите да овозможат посвоените лица да имаат пристап до информациите за сопственото потекло и документацијата поврзана со нивното раѓање и посвојување.
