Охрид ја доби првата генерација млади голфери

Пет месеци учење, тренинзи и совладување на правилата на голфот завршија со турнир и доделување сертификати. Петнаесет деца од Охрид, на возраст од 10 до 15 години, ја завршија првата школа за голф, со што беше промовирана и првата генерација млади голфери во Македонија.

Школата се одржуваше на голф теренот во просторот на поранешната касарна во Охрид, каде најмладите преку практична работа ги запознаваа основите на спортот, но и значењето на дисциплината, концентрацијата и истрајноста.

За дел од децата голфот уште на почетокот бил предизвик, но со тренинзите станал омилен спорт.

АНКЕТА млади голфери

„ Па голфот не беше толку лесен спорт. За некој што има дарба да игра е лесен, а за некој тежок, но најчесто лесен е. На турниров беше тешко. Победив. Се удира многу далеку топчето и многу треба да одиш без одмор, без престан, освен ако некој удира, тогаш се одмораме малку.“

„. Голфот ми е омилен спорт. Би сакал да продолжам. Овдека се дружам со другарчиња, убаво ми е“

„ Голфот е лесен спорт според мене и ако го сфатиш, можеш да продолжиш да играш.

„ според мене голфот е лесен спорт, ама за некој може да е и тежок. И најомилено ми е кога ќе почнуваме да играме,

„ Мене голфот ми е лесен и јас брзо го совладав и најомилено нешто ми е дека можеме секој час да учиме и одиме секаде за да играме.“

„ многу сакам да играм голф затоа што многу ми е интересно и многу сакам да мавам далеку.“

За младите голфери, покрај техниката, важна била и дисциплината која ја бара овој спорт.

„ Многу го сакам голфот, но пред се секој спорт треба да се има дисциплина. Најмногу во голфот сакам кога топката оди далеку, најубава палка ми е драјверот и шеската.“

„ Потешко ми е да шутирам од далеку отколку да го дам од блиску, од блиску е лесно.“

За дел од децата најголем мотив да продолжат е и дружењето со новите другарчиња.

„ Јас сакам да продолжам со голф оти ми е преубаво и сите другарчиња ми се тука.“

„ Јас со тренерот учев голф и успешен бев. Тренерот е малку строг..“

Од Голф Клуб Охрид велат дека првиот циклус ги оправдал очекувањата, а завршниот турнир бил потврда дека децата успешно ги совладале поставените задачи.

„Денеска е денот кој ние, го завршивме со успешен турнир, а воедно ја почнавме генезата на млади голфери кои ќе продолжат и понатаму со своите успеси. Значи, планираното од програмата за школата за голф за дечиња заврши успешно. Дечињата беа фокусирани на тренингот, на задачите кои ги задававме како тренери и инструктори и ете, сега денеска го комплетиравме сето тоа со успех и со сертификат кој дава на дечињата ветар во грб да продолжат и да бидат едни од најуспешните голфери во Македонија.“– изјави инструкторот по голф, Јордан Зиврев.

Покрај спортската техника, тренинзите имаат за цел кај децата да развиваат координација, концентрација, дисциплина и стратешко размислување. На учесниците им била обезбедена комплетна опрема, а со нив работеле лиценцирани македонски инструктори.

За родителите,   престојот во природа и активното поминување на времето се меѓу главните причини поради кои ги запишале своите деца на голф.

„Го запишавме на голф пред сѐ затоа што сметам дека средината е прекрасна, значит тренира во природа, на отворено, чист воздух, зеленило наоколу. Голфот е спорт којшто ги учи децата на дисциплина, почит, издржливост и детето наше е пресреќно и буквално секој ден доаѓа тука, не само кога имаат тренинг, така што сме презадоволни и ќе продолжиме и понатаму да доаѓаме.“ – вели Дијана Цветкоска.

Од Голф Клуб Охрид најавуваат дека школата ќе продолжи, со цел децата да останат активни, повеќе време да поминуваат на отворено и преку спортот да бидат подалеку од екраните и секојдневниот градски метеж.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани