Мултикултурен настан во охридската гимназија

Вчера на пладне дворот на Гимназијата беше премал да ги собере креативноста и посветеноста на нашите ученици и професори, но и насмевките на сите присутни: ученици од сите основни училишта во Охрид, родители, претставници на Црвен Крст-Охрид, Лајонс клубот “Деници” и случајните минувачи.

Овој мултикултуре настан ни покажа дека навистина можеме “Да живееме едни со други, а не едни покрај други”. Се дегустираа јадења од сите националности во нашата земја, но и јадења карактеристични за културите на странските јазици кои се изучуваат во нашата Гимназија. Се пееја песни на македонски, српски, влашки, руски, англиски и француски, а се заиграа и македонски ора. Се црташе и се сликаше, се бараа најдолги зборчиња, се искажуваа чувства и емоции, имавме и колачи во форма на геометриските тела и со физички равенки. Имавме букети од јадливи цвеќиња, приврзоци со хемиските елементи, запознававме историски ликови, филозофи, други земји и цивилизации, мудри изреки и поговорки на македонски, се склопуваа компјутери и „патувавме„ преку Еразмус+.

Нашите ученици и професори неуморно работеа последниов период за секој актив достојно да се претстави со интересни креации.

Ова беше и одлична можност да се претставиме како училиште на идните наши ученици, на родителите, но и на пошироката јавност и да го најавиме месец Мај како отворен месец на Гимназијата. Месец каде што ги покануваме сите основци да нѐ посетат за да се запознаат со работата на училиштето, да посетат час и да поразговараат со професорите и учениците.

Им благодариме на сите ученици, професори за ангажираноста, но и на сите гости кои го збогатија овој настан со своето присуство.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани