Косовец и стружанка извршиле низа казнени дела за да прикажат легална купопродажба и регистрацијаа на патнички автомобил.Двајцата биле фатени од полицијата и се соочиле со полициска кривична пријава.
Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „фалсификување исправа“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Ф.Х.(46), косовски државјанин со привремено живеалиште во Гостивар како и против В.Б.(38) од Струга за сторено казнено дело „употреба на исправа со измама при добивање кредит или друга погодност“.
-При вршење контрола, проверка и обезбедување на целокупната документација за патнички автомобил за кој е поднесено барање за регистрација, утврдено е дека на 02.11.2015 година, пријавениот Ф.Х. направил лажна исправа-купопродажен договор за купопродажба на патничкиот автомобил. Така подготвениот документ со фалсификувана содржина, со намера да ја искористи погодноста од Законот за возила, на 16.12.2016 година го употребил и го приложил во Бирото за метрологија при Министерство за економија во Скопје како доказ со цел добивање потврда за отворање на постапка за идентификација со која се потврдува исполнетоста на статусот „странски државјани на кои им е издадено одобрение за привремен или постојан престој во Република Македонија“. На тој начин, пријавениот Ф.Х. добил потврда за регистрација на возило, кое во редовна постапка не смеело да се регистрира по што фалсификуваниот купопродажен договор го употребил во документацијата потребна за издавање согласност за регистрација во Станица за технички преглед-Центар за испитување на возила, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Димоски нагласи дека второпријавената Виолета Боческа, знаејќи дека на 27.07.2016 година купила патнички автомобил со фалсификуван купопродажен договор и со невистинита содржина направен од пријавениот Ф.Х., на 26.12.2016 година го употребила-пуштила во правен сообраќај како вистински. Таа поднесла барање за регистрација во Оделението за управни работи при полициската станица во Струга со намера возилото да биде регистрирано, иако знаела дека не се исполнети законските услови за регистрација.