Опасниот и вешт крадец од селото Врапчиште доби нова кривична пријава.
Опасниот и итар крадец од гостиварското село Врапчиште доби нови кривични пријави за серијата тешки кражби што ги извршил во Охрид, Струга и Кичево. Портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски, вели дека пријавениот 24 годишен Џ.И. во изминатиов период во Охрид и Струга самостојно сторил вкупно седум кривични дела „тешка кражба”, седум кривични дела „тешка кражба во обид“ и една „кражба“ а заедно со А.М. (21) од Битола, во Охрид и Струга сториле пет кривични дела „тешка кражба” и една „тешка кражба во обид”.
-Џ.И. и А.М. ги сториле делата во период од трети до шести декември минатата година во повеќе деловни објекти во Охрид. Тие, користејќи подесен алат, насилно ги отворале вратите од аптеки, менувачници, пекари, канцеларии на осигурителни компании, ресторани, маркети и повеќе помали продавници лоцирани на булеварот „Туристичка“ и на други улици во градот. Со извршувањето на наведените кривични дела, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 381.200 денари, информира портпаролот Димоски.
Димоски вели дека пријавениот Џ.И. добил кривична пријава и од кичевската полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“. Како што појаснува портпаролот, пријавениот Џ.И. кражбите ги сторил на осми јануари годинава во раните утрински часови во стовариште на магистралниот пат Кичево-Гостивар и во угостителски објект на планинскиот превој „Стража“. Со подесен алат и физичка сила тој ги отворал влезните врати, влегувал и одзел 43.000 денари од стовариштето и околу 5.000 денари од угостителскиот објект.
