По повод европската недела на мобилност од 21-27 септември, денес во Охрид се одбележа Денот без автомобили, со велосипедско дефиле на дел од улиците во градов. Настанот во соработка со СВР Охрид, ОО на Црвен Крст и основните и средните училишта од градов и Детската градинка „Јасна Ристеска“, го организира Секторот за животна средина и управување со отпад. Целта е да се поттикнат граѓаните што почесто да користат велосипеди и други алтернативни начини на движење – пешачење, возење тротинет, ролери, како начин за зачување на здравата животна средина и развивање навики за здрав живот.
Дефилето започна од „Кеј Македонија“, а се одвиваше по дел од улиците „АСНОМ“, „Партизанска“, „Кузман Јосифоски“ и повторно назад на кејот пред хотелот „Палас“. Во името на Општина Охрид, учесниците ги поздрави советничката Катерина Стојаноска.
По завршувањето на дефилето, најсреќните учесници преку извлекување на доделените сериски броеви, беа наградени со 11 пара ролери, 4 заштитни кациги, 4 скејтоборди и 2 велосипеди.
Охрид со ова манифестација се придружува на европската мрежа од 4300 европски градови, кои го одбележуваат 22 септември како ден без автомобили.







