Во ЈЗУ Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид, воведена е нова современа метода за третман на периферна артериска болест, со користење на системот Jetstream Atherectomy.
За првпат во земјава, денес беа изведени интервенции кај тројца пациенти, со примена на механичка ротациона атеректомија – процедура наменета за третман на сериозно калцифицирани крвни садови.
Кардиологот д-р Дејан Манчески посочи дека станува збор за значаен чекор во развојот на установата.
„Ова е нова процедура која за првпат се воведува во Македонија. Нашите пациенти често имаат изразито калцифицирани периферни артерии, па оваа метода овозможува поефикасен третман. Денес започнавме со три пациенти, а целта е таа да стане редовна практика“, вели Манчески.
Во воведувањето на методата значајна улога има и меѓународната соработка, особено со Клиничкиот центар во Белград. Во изведбата на интервенциите учествуваше и интервентниот кардиолог доц. д-р Владимир Цветиќ.
„Ова е модерна процедура која не се применува во сите европски центри. Драго ми е што се воведува токму во Охрид и верувам дека ќе стане стандардна пракса и ќе донесе бенефит за пациентите“, истакна Цветиќ.
Директорката на болницата, д-р Билјана Теговска нагласи дека воведувањето на новата техника значително го подобрува квалитетот на здравствените услуги, особено кај пациентите со периферна артериска болест.
„Со ова се намалува потребата од хируршки интервенции, се подобрува квалитетот на живот и се превенира инвалидитет. За 2026 година ни се одобрени пет нови процедури со вкупно 40 интервенции, за што е обезбеден буџет од шест милиони денари“, изјави Теговска.
Во текот на оваа година, новата метода ќе се примени кај седум пациенти, а се очекува бројот да расте, имајќи предвид дека охридскиот Кардиолошки центар е водечка установа во третманот на оваа болест и прима пациенти од целата држава.
