Од вкупно 80 општини во земјава 20 се со блокирани сметки.
Согласно со евиденцијата на Министерството за финансии, по завршување на изборите, на оваа неславна листа покрај општините од македонскиот исток: Зрновци, Пласница, Делчево,Пехчево, Куманово, Градско, Брвеница, Тетово, Ранковце, Сопиште, Берово, Карбинци, Старо Нагоричане, Неготино, Чашка, Долнени и Врапчиште, се најдоа и Охрид, Струга и Ресен.
Во јавноста одамна не е изнесено колкав е долгот на општина Охрид. Дали минатата локална власт успеа да го намали наследениот долг или можеби го зголеми? Се зборува дека Охрид е најзадолжената општина со долг од околу 50 милиони евра.
Општина Охрид е рекордер во работење со блокирана сметка. Таа е блокирана од 2005 година, иако и претходно, од 2002 година, имала куси периоди на блокада. И во оваа општина секој нов градоначалник правел нови долгови и работел на реализација на нови проекти и покрај блокадата на сметката.
Градоначалник во периодот кога беше блокирана сметката беше Александар Петрески од СДСМ, кого по два мандати, во 2013 година го замени Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ, а на изборите од минатиот месец, за градоначалник на Охрид повторно е избран СДСМ-овец, Јован Стојановски.
-„Општината прави длабинска анализа на долговите. Голем проблем во собирање на податоците ни се утужените решенија, ги има многу. Кога ќе ги собереме сите податоци јавно ќе ги презентираме“, најави Стојановски за Макфакс.
Пред три години, кога на сметката на Општина Охрид пристигна долг од 1,5 милион евра за модернизација на системите за водоснабдување и отпадни води, општинскиот портпарол Охрид го претстави како најзадолжен град на Балканот со долг од 33 милиони евра. Дали и колку од овој долг е вратен во изминативе три години и дали Општината има нови задолжувања, градоначалникот Стојановски вели дека ќе покаже анализата којашто е во тек.
Во ваква ситуација на општините им е дозволено да вадат пари за плати и надоместоци за вработените. И само тоа. Сѐ друго што доаѓа на општинската сметка веднаш оди на отплата на долгот.
Сите овие општини сега бараат начин како да почнат нормално да функционираат или пак се надеваат на некаква помош и од централната извршна власт.
Во најголем дел од општините долгот е стар и по десетина години, каматите само се надодавале, а новите задолжувања не запреле.