Општина Охрид продолжува со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните. Во моментов се одвиваат работи за доизградба на атмосферски канал на улицата „АСНОМ“ во станбениот комплекс „Бејбунар“, како и партерно уредување на дел од улицата „Шар Планина“, информираше градоначалникот Кирил Пецаков.
Проектот за атмосферскиот канал предвидува поставување на ПЕФ 630 цевковод во должина од 400 метри, со цел подобро одведување на атмосферските води и намалување на ризикот од поплавување. Вредноста на инвестицијата изнесува 4.353.247 денари, а работите ги изведува ЈП „Нискоградба“ со средства обезбедени од буџетот на Општина Охрид.
Паралелно, екипите на јавното претпријатие реализираа и партерно уредување на дел од улицата „Шар Планина“, каде што беа поставени бехатон плочки на површина од 1.200 квадратни метри. За оваа инвестиција се издвоени 2.964.337 денари.
Вкупната вредност на двата проекта надминува 7,3 милиони денари, а од локалната самоуправа посочуваат дека тие се дел од континуираните активности за модернизација на комуналната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот во Охрид.



