На Светскиот ден на органодарителството, пораки за поддршка на донорството и спасувањето човечки животи упатија Дебарско-кичевската епархија и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Пецаков порача дека органодарителството е еден од најголемите човечки вредности – да се подари и да се спаси живот.
За оние кои чекаат трансплантација, секој ден е исполнет со неизвесност, но и со надеж дека ќе пристигне веста која може да им го промени животот. За нив и нивните семејства, донорството не значи само орган, туку нова шанса, нов почеток и можност повторно да бидат заедно со најблиските, посочува градоначалникот.
Тој изрази огромна почит и благодарност до сите донори и нивните семејства кои, во најтешките моменти, носат храбра и благородна одлука – да подарат живот.
Со порака за поддршка се огласи и Дебарско-кичевската епархија, од каде органодарителството го опишуваат како израз на љубов, солидарност и грижа за животот и ближниот.
„Станува збор за благороден чин преку кој, дури и во најтешките животни околности, можеме да подариме надеж и нова можност за живот на оние кои се соочуваат со тешки заболувања“, велат од Епархијата.
Оттаму повикуваат да се негува културата на милосрдие и несебично дарување, потсетувајќи на Христовата порака: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“.
Пецаков, пак, повикува за органодарителството да се зборува, да се информираме и да ја подигнуваме свеста, бидејќи само со поголема информираност може да се создаде општество во кое човечноста ќе биде посилна од стравот и неизвесноста.
„Да зборуваме за органодарителството. Да даруваме живот. Да бидеме хумани. Да бидеме луѓе“, порача градоначалникот.
