На 6 август во Центарот за култура Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде промовиран документарниот филм „Едно време, Една генерација, Едно училиште“, деветти документарен проект на охридскиот автор Љупчо Паункоски.
Филмот е посветен на спомените од училишните денови и генерацијата која своето образование го започнала во периодот од 1954 до 1963 година. Преку сведоштва и архивски материјали се доловуваат училишниот живот, првите пријателства, симпатии, наставниците и настаните што го одбележале детството на тогашните ученици.
Вториот дел од документарецот го следи периодот од 2013 година до денес, кога поранешните ученици повторно се собираат, ги оживуваат спомените и со донации се обидуваат да му се оддолжат на училиштето во кое ги поминале најубавите години од младоста.
„Се надевам дека преку овој документарен филм ќе се пронајдат уште многу други генерации кои своето школување го започнале токму во ова училиште и барем за миг ќе си вратат дел од спомените поминати во школските клупи“, порачува Паункоски.
Промоцијата е закажана за 6 август во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
