Дваесет рибарски мрежи во вкупна должина од околу 4.000 метри и 872 парчиња охридска белвица биле пронајдени при акциска контрола на езерската полиција во водите на Охридското Езеро.
Акцијата била спроведена на 1 септември од полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, во рамки на контролите за сузбивање на незаконитиот риболов и пронаоѓање недозволен риболовен алат и прибор.

На потегот помеѓу струшките села Калишта и Радожда биле пронајдени 20 таканаречени висечки рибарски мрежи, кои се најстрого забранети за лов на риба. Во мрежите имало 872 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми.
По насоки на јавен обвинител, полициските службеници од езерската полиција и од Регионалниот центар за гранични работи Запад ги подигнале мрежите заедно со уловената риба, а за случајот бил известен и надлежниот инспекторат за рибарство.
Од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени акциски контроли за сузбивање на незаконитиот риболов, откривање на сторителите и заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.
