Охрид е домаќин на 30. јубилејните Републички пензионерски спортски игри. Повеќе од 300 пензионери од целата земја се собраа да се натпреваруваат, но и да покажат дека активниот живот нема старосна граница.
За претседателката Гордана Силјановска-Давкова, пензионирањето не значи повлекување од општеството. Напротив, токму во овој период до израз доаѓаат знаењето, искуството и мудроста стекнати низ годините.
Давкова порача дека гласот на пензионерите мора да биде слушнат и дека тие треба активно да бидат вклучени во процесот на одлучување при носењето на законите и политиките што директно ги засегаат.
„Секогаш претседателот на комисијата или претседателот на Собранието претходно треба да ги повика претставниците на засегнатата страна. Ако се тоа пензионерите, сигурно дека треба да се чуе нивниот глас, затоа што се работи за нив и тие најдобро знаат што е она што им е потребно и како тоа да се реализира. Истото го зборувам и за младите. Значи, логично е во процесот на одлучувањето да бидат вклучени засегнатите“, изјави Гордана Силјановска-Давкова.
Во земјава има околу 350 илјади пензионери. Покрај активниот живот и можностите за социјализација, за голем дел од нив секојдневен предизвик останува и материјалната сигурност.
Од Сојузот на пензионерите посочуваат дека минималната пензија изнесува околу 21 илјада денари, а речиси 100 илјади пензионери живеат со најниски примања. Оттаму велат дека покрај зголемувањето на пензиите, потребни се и дополнителни мерки за поддршка.
„Значи, кога станува збор за најниската пензија, секако дека има големо значење да се помогне на пензионерите, точно со тие пониски примања, покрај зголемување на пензиите и со мерки кои што се надвор од пензискиот систем. А тоа се познатите: еднократни давања, потоа помош во доменот на здравственото осигурување, социјалното домување и така натаму“, изјави Станка Трајковска, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
Но, 30. јубилејни пензионерски спортски игри се пред сè прослава на активниот живот, дружењето и спортскиот дух. Домаќинот, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, ги поздрави учесниците и ја истакна важноста на манифестацијата.
„Републичките спортски игри за пензионери, кои годинава се одржуваат по јубилеен 30-ти пат, се многу повеќе од спортско натпреварување. Тие се можност за дружење, размена на искуства, создавање нови пријателства и, секако, заедничко уживање во активниот живот. Вашата енергија, виталност и желба за спорт се за вистинска почит. Со своето учество покажувате дека годините не се ограничување, туку дека секоја животна возраст носи можност за нови активности, предизвици и убави средби“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Од Министерството за спорт и млади велат дека ваквите настани се доказ дека спортот не познава граници и дека треба да биде достапен за сите возрасни групи.
„Спортот не познава граници, односно спортот треба да го негуваат сите возрасни групи, посебно постарите возрасни групи, коишто денес присуствуваат на овој настан. Овој спортски настан е доказ дека активниот живот, движењето и спортскиот дух имаат големо влијание во вреднувањето на вашите активности, коишто лично ќе влијаат во делот на вашето живеење и во делот на одржување на вашиот спортски живот“, изјави Илија Ристевски од Министерството за спорт и млади.
Од првите натпревари до денес, пензионерскиот спорт прерасна во традиција која ги поврзува пензионерите од сите делови на земјата. На овие јубилејни игри учествуваат околу 300 пензионери од четириесетина здруженија од земјава.
Покрај натпреварувачкиот дух и борбата за најдобрите резултати, спортските игри се и можност за дружење, нови пријателства и активно поминување на времето. Триесет години подоцна, тие се потврда дека годините можат да се бројат, но желбата за движење, дружење и активен живот нема старосна граница.








