Жителите на „Радојца Новичиќ“ и Лакочереј бараат мерки за поголема безбедност во сообраќајот

Жителите на населбите „Радојца Новичиќ“ и Лакочереј упатуваат апел до СВР Охрид и надлежните институции навреме да преземат мерки за подобрување на безбедноста на патниот правец, особено со почетокот на учебната година.

Како што посочуваат жителите, на оваа делница сè почесто има непрописно паркирани автомобили, товарни возила и земјоделска механизација, кои се оставаат на тротоарите, покрај коловозот или директно на патот. Со тоа, велат тие, се отежнува нормалното одвивање на сообраќајот и движењето на пешаците.

Особена загриженост предизвикува фактот што патниот правец секојдневно го користат и деца кои одат на училиште. Дополнителен проблем се големиот број дупки на коловозот, како и непокосената вегетација покрај патот, која на одредени места ја намалува прегледноста и дополнително го стеснува просторот за безбедно движење.

Жителите предупредуваат и на брзото и несовесно возење, кое во комбинација со непрописно паркираните возила, оштетениот коловоз и намалената прегледност, според нив, претставува сериозен ризик за сите учесници во сообраќајот, а особено за најмладите.

Тие бараат СВР Охрид и останатите надлежни институции да излезат на терен и да ја согледаат состојбата, како и да преземат конкретни мерки – контрола и санкционирање на непрописното паркирање, засилени контроли на брзината, санација на коловозот и навремено косење и одржување на вегетацијата.

Апелот, како што велат жителите, не е насочен против никого, туку претставува повик за поголем ред и безбедност.

„Да реагираме навреме, пред да се случи несакан настан“, порачуваат тие, нагласувајќи дека безбедноста на децата мора да биде на прво место.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани