Сивата  економија го поткопува туристичкото стопанство

Работа на црно, затајување на данок, непријавување на приходи, делумно плаќање даноци, неиздавање фискални сметки, нереални цени за странските туристи. Се дел од секојдневието во туристичко угостителскиот сектор во главниот туристички центар во земјава.

Причините се низок даночен морал кај населението, трката по  брза сезонска  и поголема заработувачка.  Нискиот даночен морал на претприемачите и населението, кој е предизвикан од лошите институционални системи  резултира со висока толеранција на неформалноста. Според Williams и Bezeredi, колку е поголема перцепцијата за корупција на владата, толку е помал даночниот морал и поголема е прифатливоста на неформалноста на малите претприемачи.

Сивата економија присутна во сите пори на туристичкото стопанство

Согласно анализите на Стопанската комора државниот буџет годишно губи половина милјарда евра поради сивата економија. Колкави се загубите од неформалната трговија  во туристичката индустрија не се знае, но се претпоставува дека се големи.

Поновите официјални проценки за големината на сивата економија варираат од 17 проценти од БДП на земјата – проценка произведена од Државниот завод за статистика (ДЗС, 2017), околу 30 проценти од БДП, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ, 2019) до 33,4 проценти, проценка на тинк-тенкот „World Economics“ 2 од Велика Британија.

Неплатените јавни давачки ја засилуваат ликвидноста на субјектите во сивата економија, ги прават поконкурентни во однос на субјектите во формалната економија, ја заобоколуваат државната бирократија, штедејќи време, ресурси и пари.

Кој затајува данок во Охрид како  најголем туристички центар во земјава?

Фискални сметки не се издаваат во одредени угостителски локали, сендвичари, пекари, слаткарници, семкарници, сувенирници…. Се затајува и данок од сместување туристи, не се плаќа туристичка такса, се издаваат лежалки без сметка, такси превозниците ретко ја користат фискалната каса……

Сместување туристи, но затајување туристичка такса и данок за закуп

Во градот се издаваат соби, апартмани, станови,  но дел од станоиздавачите  не плаќаат туристичка такса. Не пријавуваат приходи од закуп и не плаќаат ниту данок. Туристичката такса од ноќевање по туристи изнесува само 40 денари, оваа сума не е променета повеќе од една деценија. Но иако е ниска,има станоиздавачи кои постојано  ја затајуваат.

Иста туристичка такса во износ од 40 денари по лице на ден  плаќаат и големите хотели и апартманите во земјава. Има  станоиздавачи,  кои не се ниту категоризирани и на диво сместуваат гости без да плаќаат никакви давачки.

Загубите во државната и општинската каса со години се  големи,  а парите завршуваат  во приватните џебови.

Според Законот за такса за привремен престој, сместувачите се должни да платат туристичка такса по лице за остварено ноќевање. Глобата за непочитување на обврската за правните лица се движи од 2.000 до 4.000 евра во денарска против-вредност,  додека за физичките лица е пропишана казна од 600 евра.

-Физичките лица кои издаваат соби апартмани под закуп должни се приходот да го пријават во УЈП со поднесување на електорнска пресметка во системот. Независно како издале сместување,  дали преку интернет платформите или преку агенција, тие се должни да го пријават сиот приход. Данокот на овој приход е 10%., вели Виолета Блажеска Трпеска вработена во УЈП.

Приходите од туристичкта такса во општина Охрид за 2024 година прв квартал 1 149 814,00 денари, за 2023 година 20 221 832,00 денари, а  за 2022 година 17 498 585,00 денари.

Бројот на регистрирани даватели на угостителски услуги од мал обем, станоиздавачи во Општина Охрид е 3049.

Наместо станбени објекти со викенд станови и апартмани на брегот на Охридското Езеро потребно е да се инвестира во хотелски капацитети, предлага Хотелската асоцијација.  Според слободните проценки во Охрид и Струга има околу 40 000 викенд станови, кои поголемиот дел од годината зјаат празни.  Во лето преполни со туристи  се издаваат и реиздаваат, токму тие ја креираат сивата економија во туризмот.

-„Немаме чист и јасен зкаон, нема туристичка полиција, многу работи не недостигаат во туризмот.  Луѓето секогаш и секаде имаат право да купат станови но како може да го издаваат тој стан секоја држава има посебни закони. Кај нас ги нема или не се почитуваат”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Голем број од сопствениците ги издаваат  викенд становите и апартманите без да се регистрирани за таа дејност, гостите остануваат  неевидентирани и не плаќаат туристичка такса.

Во Општина Охрид има тројца инспектори по туризам

Од инспекторатот по туризам при општина Охрид, велат постојано вршат контроли на станоиздавачите.

-„Вршиме редовни, вонредни и контролни контроли. Секој месец се контролираат сите хотели, а по пријава се конторлираат и диви станоиздавачи и доколку се утврди дека станоиздавачот на диво издава без да биде категоризиран се казнува со глоба од 450 евра. Решението за категпризација чини 250 денари,  нема ниту една пријава за диво издавање на соби, апартмани, станови. Годинава нема ниту една казна, минатите години имало и по пет и по десет  глоби годишно“, вели за Охриднет.ком Гоце Стојкоски инспектор по туризам.

Во однос на оние кои имаат и по повеќе викенд станови и ги рентаат на црно, инспекторите велат многу тешко се стигнува до сопствениците.

Најголемиот приход од туристичка такса доаѓа од хотелите особено поголемите кои оваа давачка ја подмируваат месец за месец. Денес наплатата на  годишно ниво е  над 28 милиони денари.

Наместо туристички агенции гости сместуваат диви нерегистрирани посредници поединци

Заработуваат без да плаќаат никакви даноци.  Ги пречекуваат гостите по улици, на автобуска станица или на фрекрфрентни места и им нудат сместување.

Туристичките агенции од земјава кои се занимаваат со дојдовен туризам полека ама сигурно ја губат својата посредничка улога.

„Во моментов, странски фирми, странски туроператори  стапуваат во контакт со хотелиерите и хотелите и дирекно да добиваат цени од нив, за ја намалат цената на нивните аранжмани, со што е прескокнат посредничкиот фактор односно локалните туристички агенции“, велат професорите од ФТУ.

Платформите како Booking и AIRBNB ги урнаа навиките на туристите да ги коиристат услугите на туристичките агенции за сместување и други дополнителни дејности. Тоа мора да се регулира велат од туристичките агенции.

Во однос на дивите посредници за сместување туристи  надлежност има пазарната иснпекција, која повеќе пати на терен излезе и казни повеќе лица кои со велосипеди или пеш на фреквфрентни места нудат сместување од кое заработуваат провизија без да плаќаат даноци.

Согласно член 48 законот за угостителска дејност, физичкото лице кои издаваат соби тоа треба да го прават преку агенција со договор. Се купуваат викенд станови за да може да се рентаат на туристи, но не се категоризирани, ниту пријавени.

Угостителските објекти генерално издаваат фискални сметки

Генерално   високите казни и честите контроли на инспекторите изминативе години воведоа фискална дисциплина кај регистрираните трговци, хотелските и угостителските објекти. Но, има  даночните обврзници, кои  не ја употребуваат фискалната каса. Ретко се издаваатсметки особено на странските гости  за изнајмена лежалка на плажа, за купените производи и пијалоци на манифестациите, кај такси превозниците и  уличните  продавачи на храна кои поседуваат фирма.

Во трката за поголема заработка непочитување на законот најчесто има кај сезоснките бизниси, а хотелско угостителскиот сектор  се соочува со нелојална конкуренција.

– „За жал имаме нелојална конкуренција, сезонски бизниси, каде што никаде не се издава ни фискална , ни ништо а  ние плаќаме даноци, плаќаме секакви давачки кон државата, туристичка такса. Многу ги има кои не се пријавени и тие се нелојална конкуренција на нас. Таа сива економија едноставно го уништува хотелскиот туризам “, вели Марјан Трпески менаџер во хотелско угостителски објект.

Туристите со поделени мислења. Некои велат добиваат фискална сметка и без да побараат, а некои велат бараат за да се заштитат од кражба, бидејќи има и поединци кои цените ги вадат од ракав.

Управата за јавни приходи апелира  сите кои вршат промет со добра и услуги во готово да воведат употреба на фискален апарат.

-Граѓаните кои се соочуваат со неиздавање на фискална сметка или им се издава сметка која не ги содржи елементите на фискалната сметка ги повикуваме да пријавуваат на бесплатните телефонски линии на УЈП 198, или да поднесат претставка писмено во канцелариите на УЈП или на маил на info@ujp.gov.mk како и преку апликацијата МојДДВ, инфорираат од УЈП.

Ангажирани работници на црно, нереални цени за странските туристи

Во некои  трговски или угостителски објекти,  особено на странските туристи, не им се издаваат фискални сметки. Им се наплатува на црно, а често и по нереални цени. Поплаки дека биле украдени туристите се сретнуваат на интернет.

Дел од вработените се плаќаат на дневници,  а нивниот ангажман е сезонски. Државата тука го губи данокот на личен доход.

-Во таа насока се прават координирани инспекциски конторли во соработка со трудовата инспекција. За санкциите е надлежна трудовата инспекција, но пред неколку години се овозможи на угостителските објекти да нагажираат практиканти сезонски особено во летниот период. Па тоа е малку олеснително за биснис секторот, вели Мунески.

Сива економија има и на тезгите и куќарките кои продаваат пуканки, крофни, палачинки. Дел од нив воопшто не се регистрирани, оние кои се регистрирани плаќаат паушал. Дел од нив поседуваат фирми па сезонски ја прошириле дејноста, но не издаваат фискални сметнки и не го евидентираат прометот.

Од УЈП велат спроведуваат засилени вонредни конторли во летниот период  во Охрид. Се вршат контроли на тезгите, на куќарките со пченки,крофни, пуканки,  храна, и слично, но  и на манифестациите, концертите.Лани во Охрид имало 130 барања  за оданочување на сеознки поставени тезги, годинава само до  јули  е достигната оваа бројка, се очекуваат да се повеќе.

-Контрoлираме промет на официјалните правни лица на штандовите, но и на тезгите. Сите сезонаки тезги, кајчари, издавање на педалини, кајчари мора да се регистрирани со барање за паушално оданочување преку данокот за личен доход. Нивното оданолување зависи од периодот за кој што се регистрирани. Истите добиваат месечни налози за оданочување, вели Злате Мунески портпарол на УЈП.

Странски туристички водичи ги водат групите им го земаат лебот на домашните лиценцирани водичи

Иако согласно Законот за туризам, туристичките групи во земјава мора да бидат придружувани од локален водич, кој веродостојно би ги пренел историските и културните приказни, странските агенции не го почитуваат.

Речиси секојдневно низ Охрид, се сретнуваат групи странски туристи без локален водич, кои ја раскажуваат својата верзија за историјата на Македонија. Зборуваат што сакаат за земјава, без никаква контрола и законски реперкусии, алармираат професионалните водичи.

Оваа нелегална појава им ги намалува приходите на лиценцираните туристички водичи од земјава, институциите мора погрижливо да водат сметка за спроведувањето на законските регулативи за туристичко работење.

-„Црната економија си го прави своето имаме доста наши странски колеги кои што ја избегаваат таа обврска. „За ова треба малку нашата туристичка инспекција да поводи сметка. Најбитно е самата презентација на историјата, а друго е запослувањето на наши колеги“, вели Бранко Ѓоршески лиценциран туристички водич.

Од инспекторатот по туризам велат секојдневно се на терен и ги конторлираат и туристичките водичи.

-Во екот на главната туристичка сезона, туристичката инспекција во рамки на Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид има зголемен обем на работа и покрај редовната контрола на туристичките објекти, редовно се контролираат и туристичките водичи, кои водат организирани групи гости. Во последниот период, како дел од теренските активности, во повеќе наврати туристичките инспектори констатирале непочитување на Законот за туристичка дејност и нелиценцирани туристички водичи, кои водат групи на разглед во Охрид. Со цел да се спречи ваквата појава и да се избегне изрекување на казни, се упатува апел до сите странски туроператори, домашни туристички агенции, сместувачки капацитети и други туристички чинители, кои носат туристички групи на разглед на археолошките локалитети и другите знаменитости во Охрид, задолжително да користат услуга од лиценциран туристички водич. Се очекува од сите вклучени во туристичките дејности да работат согласно законските прописи со цел да се зачува имиџот на Охрид како атрактивна туристичка дестинација, информираа преку соопштение од општина Охрид.

Казната за водење групи на диво  е намалена од 400 денес е  само 100 евра.

-Секоја група што влегува во градот е должна да има лиценциран македонски туристички водич. Секој странец водич, кој е затекнат  без локален водич се казнува со глоба од 100 евра и нема милост.  Верувајте Охрид е град со најсредена туристичка инспекција која работи секојдневно,  појаснува Стојкоски.

И локалните водичи се должни да ги пријават остварените приходи од водењето на туристички групи. Се пријавуваат електронски пресметки олеснат е начинот на пријавување, тоа го средуваат лесно од дома, нема потреба да губат време, велат од УЈП.

Како да се сузбие сивата економија?

Според експертите, сузбивањето на сивата економија во туризмот ќе може да биде чекор напред со формирање на туристичка полиција која ќе има поголеми надлежности.

Во битката со сивата економија значаен дел има и населението Да придонесат да се изгради имиџот на градот и на државата. Сивата економија е комплексна појава, затоа и борбата против неа треба да се води комплексно и преку сите институции. Не постои ненадлежност на државните органи во оваа борба, зашто речиси и не постои ресор во кој таа не е присутна во различен обем. Борбата против сивата економија е прашање на политичка волја, а изборот на мерките за намалување на сивата економија, освен политичка има и социјална, економска, даночна и трудовоправна димензија. Притоа, покрај репресивните механизми, мерки и алатки со кои треба да се спроведува оваа борба, потребен е и сет на  неутрални и  афирмативни мерки за поттикнување на преодот на субјектите од неформалната во формалната економија.

Освен тоа, креаторите на политиките треба да размислат за насочени интервенции, како што се подобрените механизми за следење на приходите од вработување, како и образовни кампањи подготвени за различни групи, со цел значително да се ублажи нецелосното пријавување на приходите, со што ќе се зајакне даночната усогласеност. Интеграцијата на овие повеќеаспектни политики приспособени на различни сектори и големини на субјекти може да го трасира патот за една сеопфатна стратегија која ефективно ќе се справува со неформалните економски активности, а истовремено ќе ги заштитува работничките права и ќе ги зајакнува државните приходи.

Со овој текст, Охрид Нет се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани