Спектакуларна вечер, исполнета со врвна музика, силни емоции и долготрајни аплаузи, го означи почетокот на најголемата и најзначајна културна манифестација во земјава. Синоќа со гала концертот „Љубов“ заполна 66 то издание на фестивалот Охридско лето.
На сцената на Античкиот театар настапија светски реномираната сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми. Со изведба на најпознатите оперски арии и дуети, уметниците приредија вечер што публиката ја награди со долготрајни овации и повеќекратни бисови.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на црквата „Света Софија“, започнала приказната за „Охридско лето“, која денес е препознатлива културна вредност и далеку надвор од границите на државата.
„Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече покровителката на фестивалот, Претседателката на Р.С. Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека „Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал – тоа е потврда дека културата е темел на националниот идентитет и најсилен мост што ги поврзува народите.
–„Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, рече Зоран Љутков министер за култура.
Уметничката порака ја испрати оперскиот првенец Игор Дурловски, кој нагласи дека токму преку културата и уметноста малите земји можат најсилно да го претстават својот идентитет пред светот.
„Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж“, рече оперскиот пејач Игор Дурловски.
Во наредните четириесет фестивалски денови, на сцените на „Охридско лето“ ќе настапат врвни домашни и светски музички и театарски уметници. До 20 август ќе бидат реализирани повеќе 48 настани со што Охрид уште еднаш ќе биде центар на културните случувања и место каде што уметноста ги поврзува традицијата, современото творештво и публиката од целиот свет.









