Средновековното наследство низ фотографскиот објектив на Македонида

Средновековните цркви и уникатниот фрескоживопис на Македонија се претставени низ фотографскиот објектив. Во Куќата на Робевци во Охрид е отворена изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“, која преку фотографии го претставува богатото сакрално наследство на земјава.

Фотографии создававани повеќе од една деценија, со цел да се документира и доближи до јавноста средновековното црковно наследство.

Изложбата ја организира Здружението „Македонида“, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, а поставката е избор од богатата архива создадена во рамките на повеќегодишниот проект.

„Тие се фотографии направени од страна на членовите на нашето здружение и нивната првична намена беше да се искористат за нашите публикации. Имаме вкупно такви седум публикации, а темата е сакралното средновековно културно наследство на Македонија“, вели претседателот на Здружението „Македонида“, Панче Велков.

Од Охрид и Охридско, преку Пелагонија и Мариово, до други региони во земјава – фотографиите откриваат цркви и фрески кои често остануваат надвор од интересот на пошироката јавност.

Помеѓу нив се и храмови со исклучително вреден фрескоживопис, но и помалку познати локалитети кои сведочат за богатата традиција на средновековната уметност.

„Да напоменам, тука се презентирани и фрески од цркви кои што се помалку познати за пошироката јавност, не само во светот, туку и во Македонија, како, на пример, црквите од Маријово“, вели Велков.

Зад фотографиите стои и сериозно истражување. Во инвентарите на „Македонида“ се документирани архитектурата и состојбата на фрескоживописот на средновековните цркви.

Во Охрид состојбата, според досегашните истражувања, е релативно добра, но сликата не е иста во сите региони.

„Во тој инвентар е констатирана и состојбата на ѕидното живописување и на архитектурата на овие градби и морам да кажам дека состојбата, тоа што го забележавме овде во Охрид, е навистина прилично добра. Се разбира, има проблеми на определени објекти, на определени секции, за жал, во Скопје и Скопско состојбата е алармантна“, вели Велков.

Проектот продолжува со нови истражувања и документирање на средновековните храмови. Фотографиите, книгите и изложбите се визуелен запис за наследството кое со векови ја раскажува духовната и уметничката приказна на Македонија.

Новинар: Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани