„Стари балкански фотографии“ – сведоштво за животот, обичаите и архитектурата од минатото

Изложбата „Стари балкански фотографии“ е поставена во Охрид, овозможувајќи им на посетителите преку архивски фотографии да се запознаат со животот, традициите и изгледот на градовите и селата на Балканот пред повеќе од еден век. Преку фотографии од различни периоди се документирани старата архитектура, народните носии, занаетите, селското стопанство и обичаите што го одбележувале секојдневието на тогашните генерации.

Изложбата ја организира Државниот архив, а нејзината цел е историското и културното наследство да им го приближи на граѓаните, особено на младите, преку автентични визуелни сведоштва за едно поинакво време.

Во поставката се застапени фотографии од неколку градови во Македонија, меѓу кои и места од непосредното охридско соседство. Тие овозможуваат да се видат архитектурата, облеката, настаните и обичаите карактеристични за крајот на 19 и почетокот на 20 век.

„Во оваа изложба се истакнати фотографии од неколку градови во Македонија и од неколку фотографи, меѓу кои што најпознат е Виктор Манаки и Светозар Реичевиќ, Димитар Митаров и некои други. И овие фотографии се, значи, од нашето непосредно соседство, односно градовите што гравитираат околу Охрид и тука може на еден сликовит начин да се видат сите тие обичаи, настани, носии, архитектура што биле специфични за тој период.“ вели Никола Савиќ, раководител на ПЕ Државен архив Охрид. 

Особена вредност на изложбата имаат фотографиите што ја документираат старата архитектура, од која дел денес веќе не постои. Во време на забрзана урбанизација и промени во изгледот на населените места, овие фотографии претставуваат значајни сведоштва за некогашниот изглед на градовите и начинот на живот на нивните жители.

„Да, за жал, во овој период на забрзана градба, нормално таков е целиот тој период, луѓето треба, поготово младите генерации, сакаме да им покажиме, да им ги пренесиме овие фотографии на коишто е таа специфична архитектура, тие специфични настани, тие специфични носии, кои што биле специфични, нормално, за тоа време и на тој начин да ги заинтересираме малце да се подсетат на тие некои подзаборавени времиња“, додава Никола Савиќ. 

Преку фотографиите, посетителите можат да добијат поинаков поглед на минатото и да ги согледаат промените што се случувале во архитектурата, традициите и секојдневниот живот. Изложбата потсетува дека фотографијата не е само визуелна уметност, туку и важен историски документ кој ги зачувува спомените за луѓето, местата и времето во кое живееле.

Изложбата најпрво беше отворена во Скопје, потоа беше претставена и во Бугарија, а сега е достапна и за охридската публика. Со нејзиното гостување во Охрид, граѓаните имаат можност непосредно да се запознаат со дел од архивското богатство што сведочи за минатото на Македонија и поширокиот балкански простор.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани