Повеќе од 60 деца од Пештани ја откриваа тајната на традиционалното ткаење

Преку посети на трло со овци, запознавање со традиционалното предење и работа на разбој, повеќе од 60 деца на возраст од 7 до 12 години учествуваа во едукативниот проект „Учиме да ткаеме“, реализиран од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Проектот, кој е дел од годишната програма на установата за 2026 година, им овозможи на учениците од ООУ „Св. Наум Охридски“ – Пештани непосредно да се запознаат со традиционалните техники на обработка на волната и ткаење, како и со значењето на музеите во зачувувањето на културното наследство.

Едукативните активности започнаа со посета на трло во Струшкиот регион, каде што децата имаа можност одблизу да видат овци, да ја допрат волната и да го проследат процесот на стрижење. Преку практични примери научија како волната се обработува за да се добие нишка подготвена за ткаење.

Во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга учениците се запознаа со традиционалното ткаење на разбој. Секое дете имаше можност да види како функционира разбојот, да седне пред него и да ги научи основните принципи на оваа стара занаетчиска вештина.

Програмата продолжи во Куќата на Робевци во Охрид, каде што учениците ја разгледаа етнолошката поставка и се запознаа со музејските предмети поврзани со обработката на волната. Со помош на традиционални алатки, меѓу кои гребени, фурка и вретено, тие го проследија процесот на влачење и предење.

Завршниот дел од проектот се одвиваше во музејскиот културен центар Лапидариум. Таму децата практично се испробаа во ткаењето на рамки и секое од нив изработи производ според сопствената идеја и замисла.

Проектот го водеа Билјана Митаноска, конзерватор, и Оливера Мишева, виш кустос етнолог, со учество на стручниот тим на установата и поддршка од повеќе вработени.

Реализацијата беше овозможена со соработката на ООУ „Св. Наум Охридски“ – Пештани, НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“ – Струга, како и со познавачи и презентери на традиционалните техники на обработка на волната и ткаење.

Проектот се реализира во годината кога НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид одбележува 75 години од основањето, а е дел и од манифестацијата „Европски денови на културното наследство“. Финансиската поддршка ја обезбеди Министерството за култура и туризам.

Од установата посочуваат дека, покрај редовната стручна дејност, продолжуваат да организираат едукативни активности со цел младите да се запознаат со своите корени, традицијата и богатото материјално и нематеријално културно наследство.

Преку ваквите иницијативи, културното наследство не останува само изложено во музејските поставки, туку им се пренесува на најмладите преку непосредно искуство, учење и сопствено творештво.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани