Општина Охрид организира свечена академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, под мотото „Од идеја до независност“.
Академијата ќе се одржи утре, 22 октомври, со почеток во 19 часот, на малата сцена во Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Во рамки на програмата ќе настапат охридски уметници, ученици и хорови, кои преку музички и уметнички изведби ќе го одбележат празникот посветен на македонската револуционерна борба.
Во културно-уметничката програма се најавени настапи на Стрезо Стаматоски и Никола Тодороски, македонската етно-група „Дамар“, солистките Биљана Буцакоска и Исабела Димовска, како и ученици од основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Григор Прличев“.
Ќе настапат и Благоја Шикоски, Охридскиот женски хор „Акордис“ и Охридскиот детски хор „Бамбино“.
Со свечената академија, Општина Охрид го одбележува 23 Октомври, датум кој има значајно место во македонската историја и се поврзува со основањето на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година.
