Успешен настап на распеаните струшки пензионери во Љубојно

Мешаната пејачка група „Езерски бран“ при Здружението на пензионери од Струга, под раководство на Нада Циркоска, одржа целовечерен концерт во прекрасниот амбиент на преспанското село Љубојно, по повод одржувањето на манифестацијата „Преспанска софра“.

Преспанското село Љубојно беше вистински центар на македонската традиција, автентичните вкусови и староградската песна. Се одржа новото издание на традиционалната манифестација „Преспанска софра“, која годинава имаше уште посвечен и поемотивен карактер.

Манифестацијата, во организација на Месната заедница на село Љубојно, беше во знакот на големиот јубилеј – 50 години од изградбата на селскиот водовод, настан кој пред половина век го промени животот во ова прекрасно преспанско село.

Голем број посетители пристигнаа да уживаат во богатото гастрономско и културно наследство на Преспанскиот Регион. Плоштадот во центарот на селото беше исполнет со шарени штандови со автентични производи и традиционални специјалитети. Мирисот на домашните јадења, подготвени според рецептите на нашите баби, ги привлекуваше сите присутни. Посетителите имаа можност да дегустираат јадења карактеристични за овој крај, да ги разгледаат автентичните преспански земјоделски производи, како и рачните изработки кои сведочат за креативноста и умешноста на локалното население.

Покрај богатата трпеза, присутните уживаа и во богата културно-уметничка програма. За одличната атмосфера, емоциите и незаборавното доживување под преспанското небо се погрижи оркестарот „Антика“ и мешаната пејачка група „Езерски бран“ од Струга. Со изведбата на безвременските македонски староградски песни тие ги распеаја и разиграа сите генерации, создавајќи атмосфера што долго ќе се памети.

„Преспанска софра“ уште еднаш потврди дека Љубојно е вистински чувар на македонската традиција, идентитет и културно наследство. Убавата песна ги сплоти мештаните, иселениците и гостите во една незаборавна преспанска приказна.

Организаторите изразија големо задоволство од посетеноста и успешната реализација на настанот, најавувајќи дека и во иднина Љубојно широко ќе ги отвора своите шимширови порти за сите љубители на македонското богато културно наследство.

По завршувањето на манифестацијата, организаторите – Месната заедница на село Љубојно – ѝ врачија Благодарница на мешаната пејачка група „Езерски бран“ при Здружението на пензионери од Струга за успешниот настап.

Стојан Кукунешоски

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани