Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа околу 23:30 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево.
Според информациите од СВР Охрид, патничко возило „хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки удрило во кучиња скитници, по што излетало од коловозот и удрило во металните браници покрај патот. Возилото се запалило.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, а во возилото било пронајдено телото на починатиот возач.
По наредба на јавен обвинител, телото е предадено во Судска медицина за обдукција и утврдување на идентитетот на лицето.
На местото на несреќата бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Охрид. За време на увидот, сообраќајот на магистралниот пат Охрид-Кичево бил пренасочуван по регионалниот пат Охрид-Струга.
