Затворена самостојната изложба „Оркестрација“ на Вевчанката Аница Китаноска

Самостојната изложба на Аница Китаноска „Оркестрација“, која беше поставена во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга, беше достапна за публиката во подолг период.

Аудиоинсталацијата беше дело на Марко Китаноски. Отворањето, како и затворањето на изложбата, беа проследени со звучен перформанс на Дамјан Томоски.

Темата „Оркестрација“ претставува истражување на универзален принцип на состојба во која повеќе различни слоеви и медиуми истовремено градат една целина, без ниту еден од нив самостојно да ја содржи. Природата дејствува преку непрекинати процеси во кои материјата постојано се преобразува.

Како што една нота не ја прави композицијата, а една капка вода не го содржи езерото, така ниту еден медиум на оваа изложба сам не го содржи целото дело. Оркестрацијата се остварува преку постојаниот дијалог меѓу формата, светлината, звукот и просторот – како што информираа кураторите на изложбата.

Аница Китаноска, родена во 2000 година во Вевчани, е македонска визуелна уметница. Основното образование го завршила во Вевчани, а средното уметничко училиште во Скопје. По средното образование дипломирала и магистрирала мозаик на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија.

Нејзиното творештво е наградено со повеќе признанија, а има реализирано и повеќе самостојни изложби во Македонија, Италија и Франција.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани