Започнува третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Започнува третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Охрид.

Ќе се инвестира во износ од 45 – 50 милиони евра и најмалку 250 нови работни места до 2028. Со тоа, вкупната инвестиција на КОСТАЛ во Македонија ќе надмине 150 милиони евра со околу 1300 работни места. Веќе се реализирани дел од новите вработувања и е донесена дел од потребната опрема за производство.

Проектот е насочен кон вложување во најсофистицирана опрема во сегментот „енергетска електроника” за автомобилска електроника наменета за најновите модели на електрични и плуг-ин хибридни возила на групацијата VW, како и за напредни мехатронски системи за Мерцедес.

Премиерот Мицковски денес беше во посета на Костал и рече ваквите инвеститори треба да се поддржуваат и охрабруваат за да се задржат во земјава.

-Она коешто го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек којшто предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид. Повеќе од 1150-тина вработени го произведуваат тоа. Директорот тоа го кажа каде сè се вградува сето тоа како модули во кои возила, во кои марки на возила, брендови, зборуваме за светските топ бренд возила, Мерцедес, Фолксваген итн. Нешто што е навистина импресивно. Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме, посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас, истакна Мицкоски.

КОСТАЛ лани беше 9ти најголем извозник од Македонија. Компанијата работи веќе 8 години на македонскиот пазар и бележи континуиран развој и раст.

Social profiles