После еден век од изградбата, се фрескоживописува манастирот Свети Јован Владимир во Подгорци. Тоа е единствениот храм во земјава посветен на овој значаен светител. Црквата е изградена во 1925 година, врз темелите на дамнешен параклис. Издигната во дабовата шума на источната падина на Јабланица на 910 мнв, на 15 тина километри од Струга.
Никогаш не била фрескоживописана. На ѕидовите ќе бидат насликани уникатни фрески, кои досега не постојат никаде во светот, тие ќе го отсликаат житието на Свети Јован Владимир.

-„Освен фреските кои се од житието на Исус Христос и Богородица, ќе се стави целокупното житие на Свети Јован Владимир во единствената црква единственото житие во Македонија. Сметам дека е ова е многу убав потег и ете Бог така рекол и самиот ктитор да се вика Владо тоа е Владо Пупиноски“, вели Тони Милцов зоограф.
Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, од затвореник станал зет на царот Самоил за ќерката Косара. Култот кон овој светител во подгоречкиот регион живее и ден денес, се верува дека токму на каменот во дворот на црквата се вљубиле Владимир и Косара.

„Многу е почитуван во овие краишта култот негов е многу силен, да кажам. Во нашите поголеми цркви тука во околината дури и до Албанија во Москополе имам забележано во фреските е сликан покрај нашите големи светители Свети Климент, Свети Наум и Свети Јован Владимир како еден од поголемите христијански светители на кои што култот овдешен им е многу силен“, раскажува свештеникот Димитрија Павлески.
Во 2021 година манастирот целосно беше ограден со монументална камена градба, уреден е надворешниот дел и ајатите со целосна донација на Вадимир Пупиноски од Охрид, синот на популарниот пејач на народни песни Секула Пупиноски, кој потекнува од селото Подгорци. Се возобнови и стариот конак, а направена е и кујна за да заживее манастирот со верници и посетители.

„Сакаме што повеќе да го афирмираме во македонија и пошироко. За таа цел во моментов се работи фрескоживописот, Целта е да се изработи фрескоживописот , бидејќи до сега не постоеше фрескоживопис кој ќе содржи и некои моменти фрески кои ги нема никаде посветени на Јован Владимир. Потоа планираме да се освети местото еднаш е осветен во 1925 но сега сакаме реосветување“, вели д-р Дарко Стрезоски жител на Подгорци.
На трет ден Велигден токму од оваа црква започнува традиционалната литија наречена Скрсти. Патрон на црквата е денот посветен на светителот, а тоа е 04 јуни.
„Овој манастир е многу важен и за МПЦ Охридска архиепископија бидејќи е единствен манастир посветен на Светиот Јован Владимир кој што по неговото житие знаеме дека бил властелин во Зета Црна Гора, а потоа со неговото женење и во Самоиловото царство“, вели Димитрија Павлески свештеник од Подгорци.
Фрескоживописувањето на храмот, кое е исто донација на семејството Пупиноски се очекува да заврши до празникот 04 јуни.

„Планираме до 04 јуни да биде готово, ќе работиме колку е можно побрзо Пред се треба да се задржи квалитетот и да се изработат фрески како што реков човек со огромно знаење го направи планот тоа е академик Сашо Цветкоски и сметам дека треба да биде направено како што треба“, додава Мицоски.
Манастирот „Свети Јонче“,како што го нарекуваат жителите на Подгорци, бил изграден со донации на локалното население. А тоа е запишано на манстирската камбана издлабено во металот.
„За Подгорци овој манастир има огромно значење, како едно вредно верско место, историско, културно место каде што повеќе пати во годината се собираат верниците. Исто така и друштвото на Црногорците ни се гости тука“, вели д-р Дарко Стрезоски жител на Подгорци.
Манастирот „Св.Јован Владимир“е изграден во далечната 1925 година,оваа година е забележана на олтарот на самиот манастир. Токму во овој храм во далечната 1931 прв бил крстен познатиот македонски писател Јован Стрезоски кој по потекло е од Подгорци.
Видео репортажа на МРТ
Новинар Соња Рилковска
