Исчезна бистата на поетот Славко Јаневски во Струга. Спомен обележјето на истакнатиот македонски поет, веќе го нема во алејата на писателите на кејот на реката Црн Дрим. Сомнежот е дека бистата е украдена, бидејќи имало обид и за кражба на другите споменици на поетските великани.
Настанот го осуди директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“, кој случајот го пријави во полиција.

-„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистатата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски. Како и обидот за кражба на бистите на Ацо Шопов, Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од каде очекуваме да бидат откриени и казнети сторителите“, вели Тодорче Тасевски директор на „Струшки вечери на поезијата“.
Од поетската манифестација најавија дека заедно со Општина Струга и полицијата ќе воведат засилени мерки на обезбедување на локацијата како и организирање кампањи за подигнување на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.
-„Бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин, привремено ќе бидат дислоцирани додека не се осигураат поцврсто и да бидат вратени на нивните оригинални локации“, додава Тасевски.

И во минатото се сквернавеле спомен обележјата во струшко. Пред две години бистата на Анте Поповски беше откорната и фрлена во водите на Охридското Езеро, додека на Славко Јаневски беше оштетена и свртена наопаку на постаментот.
Новинар Соња Рилковска
