Во Охрид се одржува Првата конференција за патна инфраструктура

Денеска и утре во Охрид се оддржува Првата конференција за патна инфраструктура, во организација на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на која активно учество земаат претставници на Владата на Република Северна Македонија, претставници на Стопанската Комора на Македонија, универзитетски професори, како и претставници од стручната фела од делот на градежништвото и инфраструктурата.

Со свои поздравни обраќања пред присутните Конференцијата официјално ја отворија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, како и претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Андреа Серафимовски.

Фокусот на Конференцијата е преку јавна дебата и дискусија да се отворат најзначајните прашања поврзани со патната инфраструктура во земјата и јавноста од блиску да биде запознаена со сите детали во делот на изградбата на државните патишта.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните истакна дека Владата се наоѓа во голем инвестициски циклус, каде примарен фокус е изградбата и модернизацијата на патната инфраструктура низ целата држава.

„Со развојот на патната инфраструктура создаваме можности за поврзување и за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Како претседател на Владата, уште на почетокот од мојот мандат со министрите, директорите, раководителите на јавните претпријатија, на сите вклучени институции во процесите, кога ги разгледувавме можностите и проектите, барав без разлика дали станува за локален, регионален, магистрален пат, без разлика дали патот поврзува две населени места, два града, региони, секое метро нов асфалт да го гледаме преку очите на граѓаните, само така ќе ја осознаеме вистинската вредност на патиштата за животот на граѓаните, на стопанството. Владата и покрај сите предизвици кои се исправија пред нас – здравствената, економската и енергетската криза, не се откажа од развојот на патната инфраструктура во Северна Македонија. Оваа Влада започна еден огромен инфраструктурен проект, најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја Коридорот 8 и Коридорот 10-д. Со овие паневропски коридори Северна Македонија станува вистинска крстосница на Балканот, ја позиционира државата на економската и инфраструктурната мапа на Европа. Мораме да продолжиме да овозможувфаме забрзан развој на Северна Македонија, бидејќи граѓаните го очекуваат тоа, тие заслужуваат да живеат во европска земја со повисок животен стандард“, изјави премиерот Ковачевски.

Првиот вицепремиер на Владата, Груби, изјави дека Владата направила комплетна револуција во изградбата на патната инфраструктура во земјата во изминатите години.

„Оваа екипа тука од Владата направивме револуција во проектирањето, во изведбата, комплетно во изградбата на инфраструктурните проекти во државата. Дојдов искрено тука денеска за да се пофалам за сите работи кои ги сработивме. Но, сакам едно нешто да кажам. Џабе збориме дека сме го завршиле патот Скопје – Блаце, стариот или џабе денеска сечевме лента на Подмоље – Ќафасан, џабе е се доколку не го изградиме автопатот Кичево – Охрид. Граѓаните ги интересира кога се започнати, а кога се завршени проектите и колку чинат тие. Сето она што започнавме револуционерно да го работиме, џабе е ако не го завршиме овој автопат кој е започнат во 2013 година. Повикувам на одговорност, пред сите вас тука, сметам дека крајно време е Владата и Собранието да го разгледаат тој договор и да видиме што ќе правиме понатаму“, изјави првиот вицепремиер Груби.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, потенцираше дека градежништвото и градежната индустрија се едни од носечките гранки во домашната економија и дека секој денар вложен во изградба на патиштата, желеницата, гасоводите е влог за идните геренации, за економски развој и просперитет на Репубика Северна Македонија.

„Добрата инфраструктура е основа за економски раст и развој, за подобра конкурентност на стопанството, како и за побрз транспорт на товар и на патници. Инвестициите во инфраструктурата имаат и дополнителна додатна вредност за развојот на домашните компании, за продуцирање на нови квалитетни кадри и тоа што сметам дека во иднина треба да работиме е синергијата меѓу образовниот процес и градежната дејност. Оваа 2023 година бележиме најобемни инвестици токму во делот на модернизација на патна инфраструктура и нашите очекувања се дека заедно со ЈП за државни патишта ќе реализираме повеќе од 400 милиони евра. Ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на транспортните политики“, изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, изјави дека Првата конференција за патна инфраструктура се случува во идеално време од причина што во државата се реализираат низа капитални проекти во патната инфраструктура.

„На оваа Конференција за патната инфраструктура ќе разговараме за иднината, за перспективите кои модерната патна инфраструктура ги овозможува, ќе зборуваме за развој на економијата, за безбедност на сообраќајот како и за  сите бенефити кои со себе ги носи модерната патната мрежа. Сметам дека со размена на искуства многу полесно ќе се справиме со предизвиците на терен, ќе размениме мислења за употребата на новите технологии при изградба на патишта и ќе имплементираме нови модели за планирање и изградба на патната инфраструктура“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми.

Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, Андреа Серафимовски, во своето обраќање истакна дека огромна е честа да се биде дел од една ваква конференција која на едно место и во ваков формат ги обединува клучните лица за развојот на македонското градежништво.

„Како претседател на Здружението, јас лично го сметам овој настан и вашето присуство тука за признание на нашето досегашно коморско работење и потврда дека нашите заложби за промоција и развој на градежништвото се препознаени од страна на Владата, стручната фела и јавноста. Потребата да се слушнеме едни со други и да делуваме како партнери никогаш не била поголема. Иако ставовите по одделни прашања нè разединуваат, многу поголеми се заедничките цели кои нè обединуваат. Развојот на инфраструктурата е предуслов за зголемување на конкурентноста на економијата, за зајакнување на меѓународните релации и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Оттука, несомнено ќе се согласиме дека развојот на инфраструктурата е заедничка цел и на државата и на бизнис заедницата. Овие два дена нè очекуваат сериозни панел дискусии кои искрено се надевам дека преку споделување и учење од досегашните искуства ќе не одведат до заклучокот како да ги искористиме можностите кои стојат пред нас и да придонесеме за долгорочен и одржлив развој“, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани