Два настани вечерва на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва со два возбудливи настани.

Едениот е музички – Француска вечер на „Охридско лето“ со квартетот „Агат“.
Квартетот „Агат“ од Франција вечерва ќе настапи во рамки на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Во овој состав членуваат виолинистите Адриен Јуркович и Тома Декан, виолончелистот Симон Јашеме и Рафаел Пањон на виола.

Квартет „Агат“

Квартетот „Агат“ е формиран е во 2016 година, а неговите членови студирале на високата школа за музика „Ханс Ajслер“ во Берлин, во класата на Еберхард Фелц и на Парискиот конзерваториум под менторство на Матју Херцог и Лук-Мари Агуера. Во 2021 година се добитници на меѓународната награда на Фондацијата за млади класични музичари во Лондон (YCAT). Годинава дебитираат во престижниот „Вигмор Хол“ во Лондон и остваруваат рецитали на фестивалот во Вербие, во новата „Таубер“ филхармонија во Вајкерсхајм, на фестивалот „Мекленбург-Форпомерн“, заедно со Квартетот „Ебене“ на фестивалот „Музички столици“, и на повеќе значајни фестивали во Франција како на Фестивалот „ Ноќ на квартети“ во Париската филхармонија и во Брукнерхаус во Линц (Австрија), информираат од Охридско лето.

Квартетот моментално е резидентен ансамбл при Фондацијата „Сингер Полињак“ и во Про-Квартет во Париз, како и ансамбл во постојана соработка на Фестивалот Ла Бреш во Савој.
Настапуваат на значајни фестивали и во познати сали низ Европа вклучувајќи го фестивалот „Екс ен Прованс“, фестивалот на камерна музика во Хамбург, Музичките средби во Евијан, „Концерверајн“ во Шверин и др, а соработуваат со уметници како пијанистот Франк Брале и квартетите „Модиљани“ и „Ерусалем“.

Вториот настан е за најмладите – Музичко-сценски перформанс „Немаме резервна планета“ за најмладата публика

Музичко-сценски перформанс „Немаме резервна планета“ со 5+ Бенд и јунаците од 5+ Фамилија денеска ќе се се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 19 часот.
Овој настан во продукција на ОХО наменет за најмладата публика, е во режија на Сандра Ѓоргиева а ќе се одигра во рамки на „Охридско лето“. Играат: Игор Ангелов, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Марија Кондовска, Чедомир Митевски, Дамјан Цветановски, Матеа Јанковска, Изабела Јакимова, Стефан Николовски, пишуваат од фестивалот.

5+ Фамилија


5+ БЕНД и јунаците од 5+ ФАМИЛИЈА преку нивниот музичко-сценски перформанс „Немаме резервна планета“ со утврдена и проверена методологија на комбинирање едукација со игра, карактеристичен за 5+ и внимателно развиван низ долгогодишната работа со детската публика, на децата и нивните родители ќе им пренесат неколку важни и итни пораки околу развивањето на свеста за здрава животна средина, човечкото влијание врз нејзиното зачувување и уништување, позитивни примери во борбата за климатските промени и ќе потсетат дека немаме резервна планета и дека наша одговорност е, оваа во која постоиме да ја зачуваме.

Social profiles