„Денови на Русија“ во Скопје и Софија, бугарското МНР реагира за ширење дезинформации од руската амбасадорка

Mediapool.bg додава дека навестувањата на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова за испраќање бугарски воен контингент во Украина, се дел од огромната кампања за дезинформации, која се ширела на социјалните мрежи во деновите пред изборот на новата бугарска влада

Амбасадите на Русија во Скопје и во Софија изминативе денови го одбележаа државниот празник на Руската Федерација „Денот на Русија“, со организирање на приеми во двата главни града на кои испратија скандалозни пораки во врска со руската воена агресија врз Украина.

Бугарското Министерство за надворешни работи денеска беше приморано јавно да реагира и да ги осуди како „неприфатливи и недозволиви обидите за дезинформации што ги направи руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на 12 јуни“ за време на приемот по повод „Денот на Русија“ организиран во Амбасадата на Русија во Софија.

Како што пренесува mediapool.bg, конкретната реакција на бугарското МНР е поради следниве зборови на Митрофанова во нејзиниот говор:

„…официјална Софија самоуверено се придржува до антирускиот наратив. Систематското вклучување на земјата во конфликтот во Украина – било да е тоа со снабдување на киевскиот режим со муниција или, на пример, со евентуално испраќање национален контингент во зоната на воени операции, несомнено ќе има негативни последици за билатералниот дијалог“, изјави Митрофанова на приемот.

Mediapool.bg додава дека навестувањата на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова за испраќање бугарски воен контингент во Украина, се дел од огромната кампања за дезинформации, која се ширела на социјалните мрежи во деновите пред изборот на новата бугарска влада.

Бугарското Министерството за надворешни работи ги дефинира како недозволиви хипотезите и претпоставките изнесени во текстот на обраќањето, кое беше објавено на страницата на амбасадата на Руската Федерација на социјалните мрежи.

Во својот став, МНР потсетува дека Бугарија најостро ја осудува воената агресија на Русија и придонесува во меѓународните напори за поддршка на Украина, а одговорното однесување е неспоиво со какво било искривување на информациите на јавниот простор.

Mediapool.bg во посебен текст известува и за присутните лица на приемот организиран од Руската амбасада во Софија. На настанот присуствувале лидерите на проруската партија „Преродба“, како и претставници на Бугарската социјалистичка партија – две партии кои имаат свои пратеници во бугарскиот парламент. На приемот присуствувале и претставници на Бугарската православна цркви и на општествени организации.

Прием во Скопје со порака на Баздникин дека во Украина се брани Русија

Покрај приемот во Софија, и Руската амбасада во Северна Македонија организираше настан со кој го одбележа „Денот на Русија“. Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин ја спомена воената агресија која Русија ја започна врз Украина на 24 февруари 2021 година и која до денешен ден трае со несмалено темпо.

Во пропагандното обраќање, Баздникин не пропушти да изјави:

„Денес Русија повторно треба да се бори за слобода и независност. „Колективниот Запад“ минатата година премина од лошо прикриено непријателство во однос на нашата земjа кон фактичко учество во конфликтот на страната на Киев. Криејќи во исто време зад Украина – всушност, неодвоив дел на Рускиот свет – коjа беше претворена во „анти-Русија“, во алатка за еднократна употреба за да ни нанесе максимална штета, „стратешки пораз“.

Баздникин го повтори ставот за „специјалната воена операција“ која се одвивала во Украина, а им испрати порака и на сите што ширеле русофобна пропаганда и испраќле оружје на Исток „за да убиваат Руси“: „ние ги браниме нашата земја и нашиот народ“.

И Руската амбасада во Скопје не пропушти да објави мноштво фотографии од присутните јавни личности кои дошле на организираниот прием по повод „Денот на Русија“. На фотографиите може да се забележи присуството на преспанско-пелагонискиот митрополит на МПЦ-ОА г. Петар, поранешниот амбасадор Ристо Никовски, поранешниот ректор на УКИМ Велимир Стојковски, моторџијата од „Ноќните волци“ Ленин Јовановски, новинарот Сашо Дамовски, неговиот брат Борис Дамовски и други.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани