После успешната премиера на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот охридски режисер Илија Пиперкоски, веќе се подготвува целиот серијал од проектот „Раскажи песно“. Целта е да се екранизираат и документираат фактите, тајните, инспирацијата, мистериите за настанувањето на охридските староградски песни.
Мелосот кој со векови одекнува низ охридските сокаци, пишувани и отпеани од талентираните музичари , староградските тајфи кои оставиле белег во историјата на градот.
Филмовите ќе ја раскажат приказната за развојот и континуитетот на чалгиската и трубадурската музика.
-„Идејата ми е подготвена за сите епизоди. Во големо исчекување сум да започнам да собирам буџет, да конкурирам по разни фондови за да го направам овој проект онака како што го сакам, со автентични локации, актери, враќање во тоа време, сценографија и костимографија. Има многу песни: Деспина ќе ја грабиме, Бог да бие Русе, 1762 лето, Фросина, Зарина, со добра креатива да соберам добра екипа и се надевам дека овие филмови ќе остават еден добар печат за едно време“, вели Илија Пиперкоски режисер.
Тогашните трубадури не биле едуцирани, не пишувале ноти, но биле врвни музилари и композитори. Староградските песни се истргани од душата на народот, раскажуваат љубовни судбини, трагични настани, тие се вистината за едно време.
-„Во минатото луѓето немале социјални медиуми, ги немале овие платформи, единствен начин за да бидат блики и да раскажат некој настан некоја судбина била песната. И стварно е предизвик бидејќи имаме многу убави песни, песни кои раскажуваат едно време и ги пееме до ден денес како пред сто години кога и биле креирани од самите народ“, додава Пиперкоски.
Староградските песни се дел од културното наследство, овие документарни филмови ќе бидат дел од охридската историја.
Новинар Соња Рилковска