На два месеци до крајот на најавениот рок за завршување на изградбата на автопатот Охрид Кичево, се чини дека е невозможно да завршат градежните работи. Согласно последната најава на министерот за транспорт и врски автопатот треба да биде пуштен во употреба до крајот на 2023 година. Но, на терен нема забележителна градежна офанзива, нема бројна механизација, ниту голем број градежни работници, а не се ни гледа привршување на изградбата.
Граѓаните велат децениската изградба на патниот правец Охрид-Кичево тапка во место, не веруваат дека наскоро ќе заврши изградбата.
Мислам дека е премногу. Јас пред извесно време бев во Кина, во близина на местото каде што бев сместен вечерта после 22 часот почнаа да реновираат околу 5 км автопат од двете страни по три ленти утрото кога станавме се беше завршено. Толку години да не можат 70 тина км да направат навистина не знам која е причината.
Многу споро, ама има една проблематика што ако поминувате низ нашите села треба да урнете многу куќи или да заземете земји, тука се тужат бараат и се оддолжува.
Овој патот Кичево Охрид баш пред некој ден бев таму мислам дека уште пет години нема да се направи со ова темпо, коментираат охриѓани.
И туристичките работници постојано реагираат на бавната изградба, велат срамно е за туристите кои доаѓаат во Охрид и Струга да патуваат по неуредени патишта, од аередромите до хотелите каде се сместени.
„Да не го спомнуваме патот кој многу години не кочи, јас често пати спомнувам дека по изградбата на автопатот и пуштање на брз пат од Охрид до Скопје би добиле уште 20 до 30% на гости, вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.
Поради градежните работи изминативе десетина години патот е потполно небезбеден, необележан, непрегледен, а случени се и голем број сообраќајни несреќи.
Автопатската делница Кичево-Охрид, е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, далеку над првично предвидените 374 милиони евра. Неговата изградба започна во февруари 2014 година, требаше да биде готов во 2018 година.
Новинар Соња Рилковска