После 30 години сметката на општина Охрид, конечно ќе се деблокира. Ќе бидат вратени сите наталожени долгови во изминатите три децении, , најавува претседателот на Советот на општина Охрид Сашо Донев.
После деблокирањето, буџетот за 2024 година за прв пат ќе биде развоен, со бројни инфраструктурни и капитални проекти.
– „Тоа значи дека финансиски ќе ја стабилизираме општината, ќе имаме средства за поголеми и посериозни проекти, бидејќи охриѓани ги очекуваат , а Охрид е град во кој што треба многу инвестиции за да се почуствува дека нешто се прави и се работи во општината“, изјави Сашо Донев претседателот на Советот на општината во интервју за МРТ.
Подготвени се 20 нови проекти кои се планираат да се реализираат идната година. Две капитални инвестиции во образованието во вредност од 100 милиони денари.
-„Дел имаат веќе одобрение за градба, дел се работат во моментот што значи дека во идните години ќе имаме сериозни капитални инвестиции во Охрид. Можам да напоменам дека токму вчерашниот договор кој што беше потпишан во владата беше за два проекти кои ги завршиме во изминативе две години тоа се спортската сала во село Лескоец во висина од 40 милиони денари , понатаму целосна реконструкција на училиштето Кочо Рацин, во сисина од 60 милиони денари“, додава Донев.
Во фокусот на општина Охрид и годинава ќе бидат проектите од патната и комуналната инфраструктура.
-„Ќе има капитални инвестиции и за изградба на фекална канализација во селото Горно Лакочереј, дел од Долно, и тоа беше ветување изминатите 30 години наназад согласно препораките на Унеско за зачувување на Охридското Езеро. Тој проект е во визина на 40 милиони денари. Ќе отпочне и реконструкција на плоштадот Крушевска република со реконструкција на целата водоводна линија на улица Гоце Делчев која исто ќе чини 40 милиони денари. Изработивме и проект за фекална канализација и пречистителна станица за село Трпејца, ке бараме средтсва и за реализација и на тој проект“, рече Донев.
Од Комисијата на Унеско зависи дали катната гаража ќе отпочне со реализација следната година. Советниците ќе го гласаат буџетот на последната седница годинава закажана за идната недела.
Новинар Соња Рилковска