На 25 март се одржа промоцијата на монографијата „Три децении човечност“, дело на Љупчо Милковски, Весна Терзиоска, Илина Јакимовска и ПХВ координаторката Александра Ристовска. Настанот беше поддржан од Националното друштво, ПХВ инструкторите и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – канцеларија во Белград.
Посебен акцент беше ставен на долгогодишните и посветени волонтери, Весна Терзиоска и Љупчо Милковски, кои се дел од авторскиот тим, оставајќи траен белег во развојот и афирмацијата на ПХВ програмата.
Монографијата, составена од 30 поглавја на 144 страници, хронолошки ги прикажува почетоците на програмата, трансферот од МКЦК во Црвениот крст, периодот на адаптација и развој, создавањето на тимот на инструктори, обуките за младинците и дисеминаторите, како и резултатите и менторскиот систем. Вклучени се и меѓународните искуства од Шри Ланка, Косово, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, предизвиците за време на ковид-периодот, ПХВ неделите, признанијата и освоените пехари. Особено значајни се и 35-те мали ПХВ проекти – по еден од секоја општинска организација – како доказ за влијанието на програмата низ целата мрежа.
ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности) е национална програма што се реализира во сите општински организации на Црвениот крст во државата. Преку неа, младите со поддршка на дисеминатори реализираат мали проекти за поддршка на ранливи категории во заедницата, за целни групи што самите ги идентификуваат и со кои активно работат во период од три месеци.
Секоја година околу 30 младинци на возраст од 14 до 18 години се обучуваат и оспособуваат за работа на терен, стекнувајќи знаења, вештини и вредности кои придонесуваат за градење хумано, солидарно и толерантно општество. Програмата остава трајно и видливо позитивно влијание, како врз младите, така и врз целата заедница.



