Со свеченост и пригодно одбележување, денес во Охрид беше одбележан големиот јубилеј – 300 години од постоењето на Саат кулата, еден од најпрепознатливите симболи на градот. По тој повод, градоначалникот на Кирил Пецаков упати порака за значењето на културното наследство и историската вредност што ја носи Саат кулата за охриѓани.
Во својата објава, Пецаков истакна дека Саат кулата претставува многу повеќе од архитектонски споменик и дека таа е „жив сведок на вековите, на соживотот, културата и историјата што го обликувале нашиот град“.
„Низ нејзините отчукувања се испишани приказните на генерации охриѓани, на трговци, занаетчии, рибари и патници кои го граделе духот на Охрид“, напиша градоначалникот.
Тој нагласи дека зачувувањето на културното наследство е обврска на сегашните генерации, бидејќи токму преку историските обележја се раскажува приказната за идентитетот и вредностите на градот.
„Нашата обврска е да го чуваме и негуваме културното наследство, затоа што токму преку него ја раскажуваме приказната за нашиот идентитет и за вредностите што траат“, потенцира Пецаков.
Во пораката по повод јубилејот, тој додаде дека Саат кулата останува симбол на вечниот Охрид и на неговата историја.
„Додека чука саатот на Саат кулата, чука и срцето на вечниот Охрид“, порача градоначалникот, честитајќи го големиот јубилеј.





