Со последното Василичарско оро точно на пладне и ритуалното палење на маските на сред село денес заврши Вевчанскиот карневал.
По вевчанските улици деновиве покрај ѓаволите, глупавиот август, зетотовите и невестите, прошетаа и Доналд Трамп, Меркел, Обама, Радмила Шеќеринска и други страшни, смешни реални маски изработени до совршенство. Во карневалската пародија беа одбележани политичките и општествените збиднувања во земјава и светот.
На тапет се најдоа двојазичноста, загадениот воздух, решавањето на спорот со името, релациите МПЦ БПЦ, влезот во ЕУ и НАТО и настаните од Собранието.
– „Без влакно на јазикот без перде на очите се критикува се живо. Без разлика дали е тоа власт или опозиција што на крајот на крауиштата е еден крунски доказ за Вевчани дека ја има демократијата малку можеби самобендисано но ја имаат во својата ДНК“, вели професор Симон Лешоски.
Вевчанскиот карневал постои од постоењето на селото. Тоа е театар без режија и граници. Досетливите василичари го истакнуваат слободниот дух. Дури 40% од населението се маскираат овие денови.
– „Порано беше само мажите но последниве две децении се маскираат и женските: Порано се маскираа срамежливо со тенденција да не ги препознаат но сега веќе апла се отскриваат и се добива една родова еднаквост“, додава Лешоски.
Туристите уживаа во карневалската магија која е спој на паганското и христијанското.
-“Се што сакам да видам е Вашата традиција и заедно да ја почуствувае забавата“, вели една гостинка од Турција.
-„Да се забавуваме еве и гостите од Турција да ги прошетаме, воодушевени се“, вели гостинка од земјава.
Вевчанци со карневалот останаа верни на традицијата стара 15 векови, а општина Вевчани стана бренд, топ дестинација за Православна Нова година. Десетици илјади гости деновиве беа дел од најголемиот фестивал на сатирата.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
Новинар Соња Рилковска
Канал 5 ТВ
