ЕУ нуди над 20 милиони евра за туризам.
Вкупно над 21 милиони евра (од Европа 18 милиони евра преку ИПА 2, од Владата уште 3),ќе добијат македонските општини, но и туристичките оператори и граѓански здруженија, за да го развијат туризмот и да изградат добра инфраструктура за полесен пристап до туристичките места. Денеска на градоначалниците и на туристичките компании им беа претставени деталите како полесно да ги искористат средствата.Европската делегација порачуваат дека сите ќе имаат пристап до европските пари, но општините и фирмите што ќе конкурираат ќе мора да работат дење и ноќе за да подготват квалитетни проекти, во спротивно, средствата нема да бидат долго на располагање, би можеле да се вратат назад во Брисел. Општините ќе можат да добијат максимум еден милион евра ако настапуваат сами и до три милиони ако одат регионално. 90 отсто од парите ќе бидат грант, а 10 проценти сопствено учество. За локалните микро и мали претпријатија грантовите ќе бидат до 100 илјади евра за еден барател и до 300 илјади ако настапуваат заеднички, но кај нив само 50 отсто од парите ќе бидат грант. Граѓанскиот сектор, пак, за обуките ќе добива од 50 до 150 илјади евра, и таму грантот е 90 проценти.Од европските партнери ни порачуваат – исчистете ја земјата од ѓубрето.Според Никола Бертолини од Европската делегација во Скопје, „кога ние како странци ќе дојдеме овде, првата работа што ја забележуваме е убавата природа. Сакаме да уживаме во планинските спортови, но пред тоа, ние ќе се изгубиме, еве јас се изгубив затоа што нема знаци, а имам дури и повреда возејќи со велосипед бидејќи нема соодветни патеки. И не само тоа, туку има и многу ѓубре наоколу. Одам на планина, и гледам нелегална депонија. Ова мора да престане. Оваа земја и вие луѓе заслужувате подобра околина и подобра клима“.Огласот за аплицирање е отворен денеска, а за изјавување интерес рокот е до 30 април.
