Комеморација во чест на новинарот Мемед Латифи

Во Струга денес се одржа комеморација во чест на новинарот Мемед Латифи. Новинарите, роднините и пријателите на пригоден начин се простија со латифи кој вчера замина на 69 годишна возраст. 

 

-„Замина човекот кој беше извонреден професионалец, мајстор на својот занает, новинар од стариот ков. Секогаш добро информиран и упатен, внимателен, одмерен, но директен и остар. Баш новинар, кому вистината секогаш му беше најважна. Затоа беше ценет во фелата, а поради тоа му се лутеа тие кои бегаат од вистината, која денеска тивко умира под притисок на разни интересни групи на кои објективните новинари им се трн во око па затоа на разни начини ги опструираат. Низ таква професионална голгота Мемет поминуваше често и не се жалеше. Но, секогаш го наоѓаше патот до вистината, заради вистината и јавниот интерес. Нема многу такви денес.
Мемет Латифи беше почитуван и сакан меѓу колегите. Секогаш ведар, насмеан и расположен за добар виц, се разбира раскажан низ чадот на цигарата од која не се разделуваше. Знаеше да ја олабави атмосферата, што се вика, при долгите и досадни чекања на соговорниците на некој настан. Секогаш со широка насмевка на лицето ќе кажеше некоја шега, анегдота или коментар на актуелните случувања што ќе измамеше насмевка кај колегите. Беше редок вид и пример за колегијалност. Секогаш достапен на својот телефон за колегите, волен да помогне, ако не е во тек за нешто ќе заврти некое бројче, ќе сврти крукче низ Струга да разбере, да ти јави. Таков беше Мемет, несебичен другар новинар.
Роден е во Прешево на 15.03.1949 година. Младоста ја поминал во Задар, Хрватска со кој до крајот на животот имаше нераскинлива врска. Последните 30 години од животот ги помина во Струга активно учествувајќи во сите општествени збиднувања на градот, а често предводејќи ги истите. Списокот на медиуми со кои соработуваше, односно чиј дописник беше во изминатите 3 децении е долг и нема целосни податоци (никогаш не знаеше да се пофали за кого и што работел): МРТВ, Радио Скопје, Глас на Копенхаген, Албанско радио во Австралија; Радио Рапи; телевизиите: Албанска Радио Телевизија; Калтрина, Ера и Феста; весниците: Бота сот, Лајм; порталот Ина Онлине.
Мемет Латифи го сакаше боксот. Можеби затоа што беше фајтер во животот. Знаеше како да прима достоинствено удари и пак да остане на нозе. Но вчера ја загуби борбата со животот. Почина на 67 годишна возраст. Се надевам дека својот мир сега ќе го најде во рајските височини, оти добрите луѓе завршуваат таму.
Нам ни останува да се сеќаваме на него и да си спомнуваме за убавите моменти минати заедно.Почивај во мир драг колега“, рече Горан Момироски претседател на регионалното ЗНМ.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани