Најубавиот поглед кон Охридското езеро

Најубавиот поглед кон Охридското езеро  авантуристичка тура на „Траккме Охрид“.

 

Сакате ли да го видите Охрид од висина и да го доживеете најубавото зајдисонце движејќи се по Галичица?

Стартот на турата е  денеска во 11 30 часот од село Горно Коњско до кое се пристигнува со организиран бесплатен превоз од Охрид (може да се дојде и со сопствен превоз до село Горно Коњско). Самата остра нагорнина навестува дека се искачувате прилично високо и веќе почнува возбудата од самата замисла каков неверојатен поглед ќе понуди ресторанот „Тераса Утарна“. По дегустацијата на храна и на пијалоци се почнува со лесно движење по Галичица.
Шипокно е селото низ кое води патеката.Патеката поминува покрај преубави лозови насади, а во зависност од годишното време, може да се пробаат и питоми и диви овошки, кои ги има по должината на патеката.
Пред село Велестово е новоизградената црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во чијшто двор ќе биде направена кратка пауза. Оттука патеката продолжува под село Велестово, со константно благо спуштање. Погледот е единствен. На дланка е целиот Охридски регион, а со приближувањето кон Охрид, кој се наѕира низ попатните дрвја, се забележуваат и сите негови знаменитости. Пред сѐ „Св. Јован“ на Канео, Плаошник, Старата чаршија, а убедливо најдоминантна е Самуиловата тврдина. Нејзината импозантност може најдобро да ја забележите токму од оваа тура.
Турата ви нуди незаборавен ден. Перфектна комбинација на традиционална македонска храна и пијалаци, умерена физичка активност и најубав поглед кон најголемиот македонски бисер, Охрид со Охридско Езеро.

“ТреккМе Охрид” е  во рамки на проектот „Капацитет и иновација на туристичките услуги за одржлив локален економски развој–Нов пристап преку развој на алтернативни туристички атракции“, имплементиран од Finance Think–Институт за економски истражувања и политики, Скопје, во партнерство со Универзитет Американ Колеџ Скопје ќе реализира една од 12 тури за алтернативен туризам насловена како „Најубавиот поглед на Охридско езеро“.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани