Во постојан пораст цените на угостителските услуги. Инфлацијата, зголемените трошоци и порастот на платите на вработените во секторот, се клучни за поскапувањето. Во главниот туристички центар во земјава цената на едно кафе се движи од 120 до 250 денари, зависно од близината на езерото, услугата и амбиентот, но во локалите надвор од центарот цените се доста пониски.
Најгласни за високите цени во кафулињата и рестораните се охриѓани, често критикуваат и домашните туристи, но за странските гости цените се коректни.
-Имаме превисоки цени, за разлика на пример од Солун цените на кафето се две до две и пол евра, овде е исто и нешто поскапо, вели еден охриѓанец.
-Скапи се скапи се. Кафето во Охрид е поскапо од кафето во Загреб, вели една жителка на Охрид.
-Три до четири евра за кафе толку е и во Лондон, што значи исто, но мора да кажам дека е преубаво и 3 до 4 евра да се плати оваа глетка вреди, вели една гостинка од Англија.
Угостителската фела е на ставот дека цените соодејствуваат со нивото и квалитетот на услугата. Велат во Охрид има реални и пристапни цени, но во одредени локали и повисоки.
-Ќе бидам искрен и ке кажам да има локали кои што имаат некои повисоки цени од останатите меѓутоа има и локали коишто имаат повеќе од пристојни цени и за храна и за пријалоци за сите сегменти од угостителството. Тоа е релативно и зависи од голем број фактори кои ја одредуваат цената пример локација на објектот. Да знаеме во Охрид дека има некои локали кои излегуваат вон таа рамка на коректни цени меѓутоа грото од угостителските објекти мислам имаат нормални цени кои ги нудат, вели Челик Асим угостител.
Според Државниот завод за статистика угостителските услуги во јануари годинава, во однос на истиот месец лани се поскапени за 5.8 %. Поскапување има и во споредбата со претходниот месец за 0.2 %.
Најава Соња Рилковска
