Општина Охрид и ООУ „Христо Узунов“ со пригодна програма ќе го одбележат јубилејот 120 години од херојската погибија на Христо Узунов.
Чествувањата започнаа со полагање цвеќе пред спомен бистата на Узунов во училиштниот двор.
Во среда, 23-ти април, ќе биде одржана Свечената академија во спомен – куќата на Христо Узунов со почеток во 12:00 часот. Во рамки на настанот ќе биде промовиран драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ од Зоран Пејкоски, а предвидена е и културно – уметничката прогама со настап на градскиот хор „Вокс Лихнидос“ и драмска изведба на сцени од текстот „Света саможртва за Македонија“ и настап на солистот Ѓоко Чеменкоски.
ООУ „Христо Узунов“ својот патронат ќе го одржи среда во 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Во четврток, 24-ти април, предвидено е полагање цвеќе пред спомен бистата на Христо Узунов во градскиот парк во 10 часот, додека од 11:00 часот во селото Цер, Кичево, ќе се одржи панихида.
