На 4 јуни 2025 година, во просториите на Основното училиште „Кочо Рацин“ во село Лакочереј, се реализира уште една значајна активност во рамките на проектот „Од иновативна работилница до посреќно дете на Генерацијата Алфа“, кој го спроведува здружението VielScience од Охрид, во соработка со Општина Охрид.
На настанот беа донирани пет компјутери за ученици од училиштето, како поддршка за нивниот образовен развој и поттик за поголема дигитална писменост. Оваа иницијатива е дел од поширока мисија на здружението Viel Science за овозможување подобри услови за учење и развој на децата, особено во руралните средини.
Голема поддршка во реализацијата даде професорот Дарко Цветкоски, кој активно соработува со здружението во промовирањето на едукативни иницијативи.
„Секогаш кога ќе му овозможиме на едно дете подобри услови за учење, чувствуваме длабока среќа и исполнетост. Нема ништо повредно од детска насмевка што доаѓа од чувството дека некој верува во нив и ги поддржува нивните соништа,“ изјави проф. Александра Томоска, претседател на здружението Viel Science.
Донацијата е само еден од сегментите на проектот кој предвидува и низа иновативни работилници за ученици, преку кои тие ќе имаат можност да се запознаат со нови технологии, програмирање и критичко размислување – вештини неопходни за иднината на генерацијата Алфа.
Настанот помина во топла и инспиративна атмосфера, а благодарноста и радоста на учениците беа најголемата потврда за вредноста на ваквите иницијативи.
