11 Октомври – Ден на народното востание на македонскиот народ

Денеска, 11 октомври, се одбележува Денот на народното востание на македонскиот народ, државен празник со кој се одбележува почетокот на вооружената борба против фашизмот во Македонија и борбата за национално ослободување.

Овој датум претставува значаен историски меѓник во борбата за самобитност, слобода и самостојност на македонскиот народ. Со своето учество во антифашистичката борба, Македонија даде придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот што Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршил во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во акцијата учествувале 16 партизани, распоредени во три групи. Првата група го нападнала бугарскиот полициски участок, втората затворот, додека третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Во тој период, партизански активности имало и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода бил формиран Кумановскиот, односно Козјачкиот партизански одред, а во областа Менкова Колиба – Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска, овие одреди биле разбиени.

По повод државниот празник, низ земјава се организираат свечености, чествувања и културни манифестации. Традиционално, се одржуваат свечени концерти и се положува свежо цвеќе на спомениците и меморијалните обележја посветени на борците од Народноослободителната борба.

Делегации од Собранието и други институции традиционално положуваат цвеќе на гробот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци во Народноослободителната борба во Куманово.

Со пригодни манифестации и чествувања, 11 Октомври се одбележува во повеќе градови низ Македонија, во знак на сеќавање на историскиот почеток на антифашистичката борба.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани