Два специјални закона со кои треба да се олесни решавањето на станбеното прашање на младите брачни парови ќе бидат доставени до Собранието во декември, најави премиерот Христијан Мицкоски. Предвидено е мерките да почнат да се применуваат од следната година.
Првата мерка предвидува младите брачни парови до 35 години, односно заедници во кои најмалку еден од сопружниците е на возраст до 35 години, да можат да купат стан во новоградба по цена 20 проценти пониска од просечната пазарна цена евидентирана во претходната година за соодветната катастарска општина.
Според најавата, градежните компании ќе мора уште во процесот на урбанизација и проектирање да издвојат најмалку 10 проценти од станбената површина за оваа категорија купувачи.
Мицкоски ги презентираше и просечните цени на становите во повеќе градови, врз основа на податоците од Катастарот за првите три квартали од годинава.
Во Охрид просечната евидентирана цена изнесува 1.138 евра за квадратен метар, а со предвидениот попуст би изнесувала 911 евра. Во Скопје, во општина Центар, просекот е 1.915 евра, односно 1.530 евра со попуст. Во Карпош просечната цена е 1.386 евра, а со попуст 1.110 евра.
Во Битола просекот е 525 евра, со попуст 420 евра, во Струмица 751 евро, односно 601 евро, додека во Тетово просечната цена е 785 евра, а со попуст 627 евра за квадратен метар.
Втората мерка се однесува на младите брачни парови кои сакаат да изградат сопствена куќа. Предвидено е општините да понудат урбанизирани градежни парцели по пат на јавно наддавање, со почетна цена од едно евро за квадратен метар, а брачните парови што ќе ги исполнуваат условите да бидат ослободени од плаќање комуналии.
Премиерот ги повика општините да размислат и за дополнителни поволности, вклучително и попусти на комуналните давачки.
Двата закона треба да ја постават законската рамка за спроведување на мерките, со кои Владата најавува поддршка за младите во решавањето на едно од најзначајните животни прашања – обезбедувањето сопствен дом.
