Заврши самитот Брдо-Бриони во Охрид, лидерите усвоија заедничка изјава

Охрид беше домаќин на 15. Самит на Процесот Брдо-Бриони, на кој лидерите од земјите на Западен Балкан разговараа за европската интеграција, регионалната соработка и политичките предизвици во регионот.

Работниот дел од состанокот заврши вчера, 27 ноември, а по средбата беше усвоена заедничка изјава со која лидерите ја потврдија поддршката за полноправно и навремено членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Во документот се нагласува дека напредокот на секоја земја кандидат треба да се оценува врз основа на спроведените реформи, исполнувањето на утврдените критериуми и индивидуалните постигнувања. Сепак, не е определен конкретен рок за прием на земјите од регионот во Унијата.

На самитот учествуваа претседателите на Македонија, Словенија, Хрватска, Албанија, Црна Гора и Косово, како и претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина и вршителот на должност претседател на Србија.

Домаќин на средбата беше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори беа претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ.

Самитот во Охрид беше третпат Македонија да претседава со Процесот Брдо-Бриони, регионална иницијатива чија цел е унапредување на политичкиот дијалог, добрососедските односи и европската перспектива на Западен Балкан.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани