Општина Охрид воспоставува нови меѓународни партнерства за развој на одржливиот туризам. Во Марсеј, Франција, беше потпишан Меморандум за разбирање и соработка во рамки на проектот „RECIRCLE MED“, насочен кон примена на принципите на сината и циркуларната економија во туристичкиот сектор.
Меморандумот беше потпишан на 25 и 26 ноември, во рамки на меѓународниот настан „A Mediterranean Journey: Walk the Euro-MED Latitude!“. Во име на Општина Охрид, со овластување од градоначалникот Кирил Пецаков, документот го потпиша Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.
Покрај Охрид, во соработката се вклучени општините Чефалу од Италија, Поморие од Бугарија и Бар од Црна Гора, како и регионални институции од Шпанија, меѓу кои Провинцискиот совет на Барселона и фондацијата „El legado andalusí“.

Со меморандумот се отвора можност за размена на знаења, искуства и добри практики, како и за развој на заеднички пристапи за одговорно управување со туристичките дестинации и заштита на природните ресурси.
Договорот е склучен за почетен период од две години, со можност за продолжување и по завршувањето на проектните активности.
Проектот „RECIRCLE MED“ е кофинансиран од Европската Унија преку програмата Interreg Euro-MED 2021–2027.
