Советот на Општина Охрид ќе ја одржи деветнаесеттата седница на 4 декември (петок), со почеток во 9 часот, во зградата на Општината.
На дневен ред се предвидени 46 точки, меѓу кои и разгледувањето на нацрт-буџетот на Општина Охрид за 2027 година.
Советниците ќе расправаат и за програмите за развој на туризмот, локалниот економски развој, културата, спортот, образованието, социјалната и здравствената заштита, животната средина, како и за активностите во областа на комуналната инфраструктура.
Предвидено е да се разгледаат и повеќе развојни програми за периодот 2027–2029 година, кои опфаќаат капитални инвестиции во културата, образованието, детската заштита, уредувањето на градежното земјиште и изградбата на инфраструктура.
Меѓу позначајните точки се и програмите за изградба и реконструкција на локални патишта и улици, водоснабдителни и канализациски системи, јавно осветлување, одржување на јавната чистота и зеленилото.
На дневен ред е и предлог-програмата за изградба на катна гаража во Охрид, како и проектот за реконструкција на фекалната и атмосферската канализациска мрежа на повеќе улици во градот.
Советниците ќе разгледуваат и иницијатива за експропријација на градежно земјиште, урбанистички проекти, како и повеќе предлог-одлуки за утврдување потреба од вклопување на бесправно изградени објекти во урбанистичко-планска документација.
