Општина Охрид објави јавен повик за образовна поддршка на студенти од социјално ранливи семејства

Општина Охрид ќе доделува образовен додаток од 6.000 денари за студенти од социјално ранливи семејства

Општина Охрид објави јавен повик за доделување еднократен паричен надоместок – образовен додаток во висина од 6.000 денари за студенти кои потекнуваат од семејства со социјален ризик, а студираат надвор од Охрид.

Право на аплицирање имаат редовни студенти кои се жители на Општина Охрид и студираат на универзитети во земјава оддалечени најмалку 60 километри од Охрид. Дополнително, услов е да немаат повторувано година во текот на образованието и да не користат стипендија или кредит од друга институција или компанија.

Приоритет ќе имаат студентите кои потекнуваат од повеќедетни и еднородителски семејства, децата без родители, како и оние чии семејства имаат вкупни примања до висината на минималната плата од 26.046 денари нето или во кои двајцата родители примаат минимална плата.

Право на аплицирање имаат и студенти од семејства корисници на социјална помош, како и оние во чие потесно семејство има лице со попреченост или ретка болест.

Образовниот додаток се доделува еднократно за целата академска 2026/2027 година и е неповратен.

Пријавите со потребната документација се доставуваат лично во архивата на Општина Охрид или по пошта, на адреса „Димитар Влахов“ бр. 57.

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 4 декември 2026 година. Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да бидат разгледувани.

Повеќе информации и потребните услови се достапни во јавниот повик на Општина Охрид⁠. Ohrid.gov.mk

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани